Целта беше амбициозна: Мерцедес планираше да произведува само електрични автомобили од 2030 година. Веќе наредната година германскиот производител планираше да продаде ист број електрични автомобили и хибриди како возила со класичен мотор со внатрешно согорување.
Но, Мерцедес е многу далеку од постигнување на таа цел. Стратегијата за целосна транзиција кон електрични автомобили ја „закопа“ лично шефот на Мерцедес, Ола Келениус, во февруари годинава, а компанијата од Штутгарт го суспендира и поставувањето на нова платформа за електрични возила.
„Во наредните години ќе ги има и двете: електрични автомобили и ултрамодерни електрифицирани модели со внатрешно согорување. А, ако побарувачката е доволно голема, ќе ги има до триесеттите години на овој век“, рече Келениус пролетоска на Генералното собрание на компанијата – и со тоа уште еднаш јавно ја призна можеби најголемата погрешна пресметка во поновата историја на Мерцедес.
Продажбата на електрични автомобили стагнира
Уделот на целосно електричните автомобили во вкупниот број регистрирани нови возила во првиот квартал од годинава во Мерцедес изнесува околу десет проценти – исто како и лани. Со хибридите, е-автомобилите на Мерцедес сочинуваат околу 10 отсто од глобалниот биланс, што е многу далеку од прокламираното (50 отсто) до 2025 година.
И тоа има последици: компанијата го запре развојот на нова платформа за електрични возила. Во автомобилската индустрија, платформите се нешто како градежни комплети, во кои се создаваат нови автомобили. Досега, платформите за електрични возила и класичните модели со внатрешно согорување беа исти – без разлика дали се работи за бензин, дизел, електрични модели или хибриди, сè се работеше на иста подвижна лента. Основната структура беше иста за сите модели, а во зависност од типот на возилото, во нив беше вграден соодветен погон.
Платформата „MB.EA-Large“ требаше да го промени тоа и да овозможи за првпат дури и голем луксузен модел да се состави од темел во верзија со е-мотор и тоа со зголемување во ефикасност, на пример во доменот на подобри, посилни батерии. Тоа беше амбициозна инвестиција во иднината на компанијата, но и скап проект. Премногу скапо за сегашните податоци за (слабата) продажба на електрични модели.
DW