Пожарникарите „горат“ на терен за плата, доброволците чекаат дневници

Владата одвои 660 илјади евра за гаснењето на стотици пожари летово. Дел од парите се наменети за исплата на дневници за припадниците на доброволни друштва, но никој не открива колку точно ќе изнесуваат. Пожарникарите кои учествуваа во справување во пожарите ќе си добијат само плата без никакви бонуси.

И покрај натчовечките напори и меѓународната помош преку механизмот на Европската Унија (ЕУ) во справување со пожарите во Северна Македонија, дождот беше најуспешниот „пожарникар“ кој ги изгасна поголемите огнени жаришта и ја стави ситуацијата под контрола.

Додека пламените јазици се ширеа долж планинските тешко пристапни терени, со нив секојдневно мака мачеа пожарникарите, дел од вработените во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи, припадници на ЕБР и Армијата, а во гаснењето беа вклучени и доброволци.

За справување со огнената стихија, од државната каса се одвоени над 800 илјади евра. Од овие пари, околу 660 илјади евра и следуваат на Дирекцијата, додека останатите 170 илјади евра се наменети за сместување, храна и транспорт на вработените при престој во близина на опожарените места, како и за сместување на странските пожарникари и пилоти кои доаѓаат на помош.

Дирекцијата треба да ги исплати надоместоците за ангажирање на луѓе во гаснењето на пожарите. Но, не добиваат сите исто.

Противпожарни бригади и доброволци

За гаснењето на пожарите во голем број планини и села, беа ангажирани противпожарни бригади од општините во кои припаѓаат или од соседните општини. РСЕ контактираше неколку противпожарни бригади кои ни кажаа дека пожарникарите својата работа си ја завршиле само за плата, повеќе пари и бонус за нив нема.

„Според нашите сознанија, пожарникарите кои „изгинаа“ на терен во изминатиот период ќе си ја добијат платата без никакви други бонуси, додатоци или надоместоци“, изјави за РСЕ Боби Велјановски од Независниот синдикат на пожарникари на Македонија (НСПМ).

Покрај бригадите, на терен во битка со огнените јазици беа вклучени и доброволни противпожарни друштва во рамки на општините.

Околу 90 доброволни противпожарни друштва се дел од Противпожарниот сојуз на Македонија, од кои со активен статус се 25.

 

 

slobodnaevropa.mk