Непотребно задржување на Северина, бидејќи Србија е различна од Хрватска, изјави Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 26 август изјави дека задржувањето на хрватската пејачка Северина Вучковиќ на српската граница е непотребно.
Тој оцени дека нејзиното задржување било непотребно не поради неа, за која, како што рече, „мисли најлошо“, туку затоа што Србија треба да се разликува од Хрватска.
Вучиќ за телевизија Пинк изјави дека „нема никој од опозицијата што не реагирал“ и дека не ја разбира потребата „секогаш да се додворуваме на другите, дека другите секогаш ни се послатки“.
Тој рече и дека списоците врз основа на кои српската полиција ја приведе Северина Вучковиќ на граница, најверојатно ќе бидат укинати во следните два-три дена.
„Тоа е од порано, некои направија списоци со десетици луѓе. Верувам дека сите тие списоци ќе бидат укинати во следните два-три дена“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ претходно на 26 август потврди дека граничната полиција ја задржала Северина врз основа на списоци со „вербални престапи“ и најави дека во иднина на нив ќе бидат само оние кои извршиле криминални дејствија и оние кои претставуваат закана за безбедноста. .
Северина претходно изјави дека припадниците на српската полиција ја задржале четири часа на граница и ја испрашувале за геноцидот во Сребреница, хрватската воено-полициска операција „Бура“ и зошто ги поддржува демонстрациите против ископувањето на литиум во Србија.
Пејачката на 26 август објави дека „никогаш повеќе нема да дојде во Србија додека Вучиќ е на власт“.
slobodnaevropa.mk