Бројот на депортации во Германија продолжува да расте: близу 10.000 луѓе биле депортирани од земјата во првата половина на 2024 година. Според податоците на германското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на годината 774 македонски државјани биле депортирани од Германија, со штоСеверна Македонија е на врвот на земјите со најголем број депортации од Германија.
За шест месеци речиси 10.000 депортации
Околу 9.500 луѓе биле депортирани од Германија во првите шест месеци од годината, покажуваат податоците на германското федерално Министерство за внатрешни работи, наведени во одговорот на пратеничко прашање од партијата Левица
Во истиот период минатата година биле забележани 7.861 депортации, според новинската агенција ДПА, која што имала пристап до документот. Во 2023 година, вкупно 16.430 луѓе биле вратени со сила, во споредба со нешто помалку од 13.000 во 2022 година.
Според ДПА, најголемата група на депортирани по националност биле турските државјани (915), потоа Грузијците (839), Македонците (774), Авганистанците (675), Албанците (586) и Сиријците (534). Грузија, Северна Македонија, Австрија, Албанија и Србија се главни дестинации на депортациите.
Македонија на врвот на листата
Бројот на протерани лица од Германија годинава е значително поголем во споредба со лани. Податоците од јануари до март покажаа дека од Германија биле протерани 4.791 лице, или околу 34% повеќе во споредба со истиот период лани.
Притоа, Северна Македонија е на врвот на листата на депортации. Во првиот квартал од 2024 година од Германија биле протерани 483 граѓани на Северна Македонија. Во текот на целата измината 2023 година биле депортирани 1.177 македонски граѓани. Од протераните 483 македонски граѓани во првиот квартал од 2024 година, 233 биле жени и 227 малолетни лица.
Толериран престој
Германија во моментов не врши депортации во Сирија и Авганистан. Но, фаталниот напад со нож врз полицаец во Манхајм на крајот на мај ја поттикна владината коалиција да разговара за оваа можност. Пред нешто помалку од една година, канцеларот Шолц повика на депортации „во големи размери“. По терористичкиот напад во петокот во Солинген, повиците за зголемени депортации станаа уште погласни.
Според податоците на германското Министерство за внатрешни работи, околу 82 отсто од овогодинешните депортирани лица заминале со авион, додека третина од сите депортации биле трансфери според таканаречената Даблинска регулатива. Во 164 случаи луѓето биле депортирани во Бугарија, каде што требало да биде префрлен и напаѓачот Солинген, пренесе dpa.
Податоците на министерството, исто така, открија дека до 30 јуни, 226.882 лица во Германија биле обврзани да ја напуштат земјата, бидејќи немаат право на азил. Од нив, околу 182.000 имаат Duldung (толериран престој). Ова значи дека тие не можат да бидат депортирани поради одредени причини, на пример затоа што немаат никакви документи за идентификација или се болни.
Сепак, од вкупно 44.155 лица веднаш се бара да ја напуштат земјата. Според весникот Коректив, тука спаѓаат, особено, луѓе кои привлекоа внимание поради нивната идеолошка поврзаност со терористичките организации.
DW