Почитувани, како што веќе напоменав и во претходните мои метео анализи, почнувајќи од Понеделник (9.9.2024), па речиси во текот на целата наредна седмица територијата на нашата Македонија ќе потпадне под влијание на циклонска активност со центар над Средоземјето.
Во ваква ситуација времето ќе биде многу променливо со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. На повеќе места ќе има и развој на конвективни грмотевични облаци од кои се очекуваат поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни грмежи и електрични празнења и со појава на град.
За време на оваа циклонска активност, на повеќе места ќе наврне позначително количество на воден талог (над 25 л/м2) локално и над 30 л/м2, со што се можни и локални поплавувања.
И во Скопскиот регион од понеделник (9.9.2024) па во деновите потоа ќе има честа појава на врнежи од дожд, грмежи и повремено засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови и за појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни грмежи и електрични празнења и со појава на град.
Ветерот кој го очекуваме во текот на следната седмица повремено ќе биде со брзина и од над 60 км/час и претежно од северен правец, особено кон крајот на работната седмица и за време на следниот викенд.
Апелираме во случај на појава на невреме и на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Што се однесува до температурите, тие во текот на следната работна недела ќе бидат значително пониски од сегашните и максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 24 до 31 степени, меѓутоа за време на следниот викенд тие ќе бидат уште пониски и ќе се искачуваат во интервалот само од 19 до 26 степени, а утринските ќе бидат во интервалот од 6 до 14 степени, додека на планинските и на повисоките места ќе бидат и уште пониски.
Со оваа голема промена на времето која ја очекуваме следната седмица, дефинитивно му кажуваме збогум на долгото и тропско лето во Македонија, но и на целиот Балкански Полуостров, пишува во најновиот извештај метеопрогнозерот Славчо Попоски.