Само половина од над 18 илјади домаќинства би требало да ги добијат ветените субвенции за инвертери

Граѓани кои аплицираа уште пред девет месеци се жалат дека пред прагот на грејната сезона, немаат информација до каде е процедурата за доделување на ваучерите за кои претходната Влада определи буџет од 4,1 милиони евра. Ќе се доделат 8.000 ваучери, но сега преку новото Министерство за енергетика

Граѓаните ќе добијат ваучери за клими инвертери, ама не се знае кога, иако документи за оваа мерка поднесуваа уште во февруари, а крајниот рок да ги вградат климите е 30 ноември. За овие ваучери, за кои претходната Влада на Министерството за економија му определи буџет од 4,1 милиони евра, има рекордни 18.805 барања, два пати повеќе од бројот на ваучери што ќе се доделат.

Граѓани кои аплицираа уште пред девет месеци се жалат дека пред прагот на грејната сезона, немаат никаква информација до каде е процедурата за доделување на инвертерите.

„Кога бев да поднесувам барање, имаше гужва, редица од стотина луѓе, дворот на Министерството за економија не ги собираше. Заверував документи на нотар, а потоа чекав со часови за да ги оставам во архива. Тоа беше зимоска. Пак доаѓа зима, се надевав дека ќе добијам инвертер за да не користам печка. Ние се грееме на дрва, парно немаме. Чекајќи клима, не купив дрва, а на крај можеби и без греење ќе останам“, вели жител на Делчево.

Мерката ја промовираше претходниот министер за економија, Крешник Бектеши, а целта беше да се поттикнат граѓаните да спроведуваат енергетска ефикасност во домаќинствата. Важеше за територијата на цела држава, па конкурираа и граѓани од градовите од внатрешноста. Огласот беше затворен за само четири дена, поради големиот интерес.

Вредноста на ваучерите е по 25.000 денари по домаќинство за општините во пелагонискиот (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и југозападниот регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), и по 23.000 денари за општините во скопскиот, источниот, југоисточниот, североисточниот, вардарскиот и полошкиот регион.

 

slobodnaevropa.mk