Следува големо заладување и врнежи, а температурите ќе бидат далеку под просекот за септември

Почитувани мои, за време на овој викенд, и тоа особено од утре (недела), и тоа поради продор на многу поладен воздух од север, ни следува дополнително заладување на времето, а сето ова ќе биде проследено и со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет.

Денес (сабота) повремено ќе дува силен ветер од југозападен правец (повремено и локално со брзина од над 70 км/час), додека утре (недела) повремено ќе дува засилен ветер од северен и од северозападен правец.

И во Скопскиот регион за време на овој викенд ќе има појава на повремен локален дожд. Денес (сабота) повремено ќе дува засилен југозападен, а утре (недела) северозападен ветер.

Поради падот на температурите на воздухот, не се исклучува можноста на највисоките планински врвови во Македонија (над 2000 м.н.в) да провее  и првиот снег за оваа сезона.

Што се однесува до температурите, тие ќе бидат далеку под просекот за месец септември, особено од утре (недела), кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот само од 14 до 23 степени.  Во текот на утрешното неделно утро пак минималните температури ќе се спуштаат во интервалот од 4 до 13 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

meteoalarm.mk