Во добро расположение излезе шефицата на државата од состанокот со бугарскиот претседател што денеска попладне се одржа во Софија. Гордана Сиљановска-Давкова, која по нејзиниот избор е во прва посета на соседната земја, изјави дека таа и Румен Радев, на неколкучасовниот состанок, разговарале за сите прашања и дека е убедена дека дијалогот може да вроди со плод, објави mk.voanews.com.
„Уште се докажа дека кога ќе седнете да разговарате во добра волја, ќе направите голем исчекор за големи важни решенија. Не сум овде случајно, дојдов за да разговарам, сега го очекувам претседателот да дојде во Скопје. Убедена сум дека по денешниот разговор една дебатна атмосфера ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа. Сигурна сум дека мислата може да биде побрза од светлината ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме. Се обединивме околу најважното, околу ЕУ-интеграцијата, околу Копенхагенските критериму, околу регионалниот пристап на проблемите, околу фактот дека не треба да ги повториме грешките, дека ќе следиме по компромис.“, изјави Гордана Сиљановска – Давкова, претседателка на Северна Македонија.
Претседателката потврди дека на состанокот се отворило и клучното прашање – она за промената на Уставот заради вметнување на Бугарите, услов клучен за деблоката на евроинтеграциите и отоврање на преговарачките поглавја.
„Јас да сум апсолутен монарх можам да кажам дека ќе го сменам Уставот, но пратениците ги претставуваат граѓаните и тие гласаат по сопствено уверување. Јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, се разбира дека разговаравме за сите прашања. Велам разговаравме – не можеме да донесеме решение кое ќе го наметнеме. Разговаравме и тоа е здраво.“, оцени изјави Гордана Сиљановска – Давкова.
Нејасно е со кој став настапила Сиљановска-Давкова околу уставните измени зашто новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која застана зад нејзината кандидатура, турка нова иницијатива – уставни измени, но со одолжено дејство.
Домаќинот Радев кажа кои се очекувањата на Бугарија неколку часа пред средбата со македонската претседателка. „Владата во Скопје да ја напушти предизборната реторика“, изјави Радев.
„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија. Владата на Република Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста. Нашите односи ќе зависат од склучените договори.“, истакна Румен Радев, претседател на Бугарија.
Денешната средба која, според изјавата на Сиљановска – Давкова била се само не протоколарна, е дел од т.н „културна дипломатија“ што ја промовира новата владејачка постава во Скопје – во Софија ќе настапува ансамблот на Националната опера и балет.