Уште една експлозија во центарот на Келн

0
28

Во западниот германски град Келн утринава, по вторпат неделава, се случи мала експлозија.

Локалната телевизија ВДР објави дека најмалку еден случаен минувач е повреден и дека сличен експлозивен материјал бил користен како во инцидентот во понеделникот.

Експлозијата се случила околу 5 часот утрото по локално време во центарот на градот, на Еренштрасе, улица полна со продавници и станови. Според локалните медиуми детонацијата се случила пред продавница за облека. Искршени се прозорците во зградата, а противпожарната служба морала да изгасне мал пожар. Локацијата е на само 100 метри од местото на инцидентот два дена претходно.

Во понеделникот експлозивна направа експлодираше пред дискотеката Венити на булеварот Хоенцолернринг во центарот на метрополата. Притоа полесно беше повредено едно лица а полицијата трага по поставувачот на експлозивната направа, кој е снимен од камера за надзор.

Властите не посочија дали има поврзаност меѓу двете експлозии. Во последните месеци имаше извештаи за мали експлозии ширум најголемата покраина во Германија, Северна Рајна-Вестфалија (НРВ), каде што се наоѓа Келн. Постајат сомневања дека експлозиите се поврзани со пресметки на криминални банди.

Покраинската полиција на НРВ на својата страница на социјалната мрежа X напиша :„Ние сме на местото на настанот со голем контингент полицајци“ и оти ја блокирала областа. Полицијата ја повикаа јавноста да ја избегнува областа во близина на местото на експлозијата.

извор: dw.com