Пациент од кочанско почина на Инфективна поради компликации од западно-нилска треска

0
16

Седумдесет и осумгодишен маж од општината Чешиново-Облешево, Кочани починал на 16 септември на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на западно-нилска треска, извести денеска (19 септември) Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според податоците на ИЈЗ тој е четврт случај годинава и е пријавен на 12 септември.

„Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39 степени. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од ИМП Кочани е пратен во Клиничката болница-Штип каде што биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители“, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Со серолошко испитување потврдено е заболувањето западно-нилска треска.

Како што информираат од ИЈЗ, пациентот починал на Инфективната клиника на 16 септември, откако му била влошена состојбата и му била поставена кислородна маска.

Според извештајот на ИЈЗ, од анализите на епидемиологот од Кочани добиени во разговор со децата на починатиот од западнонилска треска, пациентот е пензионер, што живеел во куќа во селото Облешево.