Владимир Владимирович Путин роден е на 7 октомври 1952 година во Ленинград (Санкт Петерсбург) во работничко семејство. Неговиот татко Владимир Спиридонович Путин служел во советската морнарица, додека неговата мајка Марија Ивановна Путин работел во фабрика.
Путин израснал во комунален стан во Ленинград, а во текот на младоста покажувал интерес за спорт, особено за џудо, коешто станало важен дел од неговиот карактер. Путин се запишал на државен универзитет во Ленинград каде што во 1975 година дипломирал право.
Веднаш по дипломирањето, Путин се приклучил на КГБ, советската разузнавачка служба, којашто во тоа време беше клучен инструмент за внатрешна безбедност и шпионирање. Како агент на КГБ Путин бил стациониран во Источна Германија од 1985 до 1990 година, во градот Дрезден, каде извршувал разни задачи поврзани со надзор и одржување на контакти со источногерманските безбедносни служби. Во текот на овој период тој стекнал значајно искуство во разузнавачките операции, но се вратил во Ленинград по падот на Берлинскиот ѕид и колапсот на комунистичкиот режим во Источна Германија.
Путин станува клучна фигура на градската власт
По враќањето во Ленинград, Путин се вклучува во политиката на градот, работејќи како советник и помошник на тогашниот градоначелник, Анатолиј Собчак, којшто беше еден од реформистите во постсоветска Русија. Во тој период Путин стана клучна фигура во градската администрација воспоставувајќи важни врски со влијателни луѓе од руската политика и економија.
Во 1996 година, Путин се сели во Москва, каде почнува да работи за администрацијата на тогашниот претседател Борис Јелцин. Неговиот подем во московската политика беше брз. Путин беше именуван за шеф на претседателката администрација, а во 1998 година стана директор на Федералната служба за безбедност (ФСБ) – наследничка на КГБ, како и секретар на Советот за безбедност на Руската федерација. Неговата способност за решавање на политичките кризи како и способноста да остане лојален ја зацврстија неговата позиција во кругот на блиски соработници на Борис Јелцин.
Во 1999 година Путин стана премиер на Руската федерација, а една година подоцна победи на претседателските избори
Во август 1999, Јелцин го именуваше Путин за премиер на Руската федерација, а на 31 декември истата година Јелцин одненадеж поднесува оставка, со што Путин стана вршител на должноста претседател на државата. Во март 2000 година, Путин победува на претседателските избори со големо мнозинство на гласови. Неговиот прв мандат како претседател беше обележан со консолидација на моќта во државата и јакнење на улогата на државата во економијата. Исто така, Путин го намали влијанието на олигарсите, група на моќни бизнисмени кои го стекнале богатството во текот на хаотични години на постсоветска транзиција. Путин се потпрел врз зголемените приходи од нафтата и плинот со цел да ја зајакне руската економија и да ги стабилизира финансиските институции.
Во текот на првите години од власта, Путин настојуваше да го врати влијанието на Русија на меѓународната сцена, додека во земјата спроведуваше строги мерки против сепаратистички движења, особено во Чеченија. По бруталната војна во Чеченија во 90-тите, владата на Путин воспостави цврста контрола врз овој регион, но по цена на сериозни кршења на човековите прва. Истовремено, неговиот однос со медиумите стана напнат, а многу независни медиуми беа затворени или ставени под строга државна контрола.
Во 2008 година, Путин мандатот му го предаде на Медведев
Во 2004 година, Путин повторно беше одбран за претседател, а во текот на вториот мандат продолжи да ја зајакнува својата власт. Руската политика стана поцентрализирана, а влијанието на регионалните лидери беше значително намалено. Уставните ограничувања го спречија да се кандидира за трет последователен мандат во 2008 година, па поради тоа претседателската функција Путин му ја предаде на Дмитриј Медведев, притоа задржувајќи клучна улога во руската политика како премиер. И покрај тоа што не беше претседател од 2008 до 2012 година, Путин и понатаму ја имаше клучната моќ во Русија.
Во 2012 година, Путин се врати на функцијата претседател откако беа спроведени уставни промени кои овозможија продолжување на претседателскиот мандат на шест години. Неговото враќање на власт предизвика масовни протести во Москва и други градови, а опозицијата го обвинуваше за изборни малверзации и сузбивање на демократски слободи. Путин, меѓутоа, продолжи да владее со цврста рака фокусирајќи се на јакнењето на руската воена моќ и ширење на влијанието на меѓународната сцена.
Најконтроверзниот потег на Путин беше почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година
Надворешната политика на Владимир Путин ја одбележаа неколку клучни настани, вклучувајќи ја анексијата на Крим во 2014 година, која предизвика остри реакции од Западот, потоа воената интервенција во Сирија во 2015 година со којашто го поддржа режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад. Путин исто така изгради блиски односи со Кина, Иран и други земји коишто имаа интерес да се спротивстават на влијанието на Западот.
Неговиот најконтроверзен потег беше почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, која предизвика меѓународна осуда и низ санкции насочени кон руската економија, а особено кон Путин и неговите блиски соработници. Војната во Украина предизвика хуманитарна криза, ги уништи меѓународните односи на Русија со Западот и придонесе кон изолација на земјата на светската политичка сцена.
Авторитарен стил на владеење на рускиот претседател
Путин е познат по својот авторитарен стил на владеење, а критичарите го обвинуваат за задушување на слободата на медиумите, политичките противници и невладините организации. Исто така, неговата влада е поврзана со низа политички мотивирани убиства и затворање на опозициски лидери, а најпознатиот случај е затворањето на Алексеј Навални, едниот од најистакнатите критичари на Путин.
Во внатрешната политика, Путин се фокусираше врз јакнење на државните институции, консолидација на моќта и обезбедување на поддршка преку контрола врз клучните сектори на економијата како што е енергетиката. Тој ја задржа силната поддршка на многумина Руси, благодарение на стабилизацијата на економијата, меѓународното влијание на Русија и неговите патриотски чувства.
Сегашниот мандат на Путин трае до 2030 година, откако во 2020 година беа спроведени уставни измени кои му овозможија да остане на власт. Неговата политичка иднина останува неизвесна, но јасно е дека неговата улога во обликувањето на модерната Русија беше особено важна како на внатрешна така и на меѓународна сцена.
tocka.mk