Македонска сивка: Украдена од Македонија, продадена во ЕУ

Македонската сивка е една од најзагрозените видови пеперутки во Европа. Може да се најде само на едно место во целиот свет: ридовите околу селото Плетвар во Северна Македонија.

Нејзиното живеалиште не е повеќе од околу 1,5 квадратни километри и се состои главно од карпи и одредени видови трева од кои сивката се храни додека е гасеница.

Македонската сивка, позната и под името Чингова окатка, е запрашувач, таа носи полен од едно во друго растение. Со тоа се обезбедува опстанок и размножување на голем број цвеќиња кои обезбедуваат нектар не само за македонската сивка, туку и за другите инсекти.

Секој од овие инсекти е клучен дел од сложениот и кревок екосистем, а нивниот опстанок зависи од функционирањето на системот како целина. Најголемата закана за овој екосистем е човековата активност.

Недоволна заштита
На пример, пет од седум приватни каменоломи за мермер во регионот се наоѓаат директно во живеалиштето на сивката, што дополнително ја намалува неговата и онака мала големина и го отежнува преживувањето на пеперутката.

„Загрижен сум, бидејќи човековата активност во оваа област – токму таму каде што живее сивката- се зголемува секој ден“, вели ентомологот Владимир Крпач, кој е експерт за македонската сивка. „Не би било изненадување, доколку не се направи ништо значајно, да се изгуби овој вид кој живее само во Северна Македонија.

Според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), која ја прогласи пеперутката за „критично загрозена“, евидентирано е намалување на дистрибуцијата или големината на популацијата меѓу 6% и 30%. И покрај овие алармантни бројки, не се преземаат посебни мерки за заштита на пеперутката.

Инаку, македонската сивка е заштитена со македонскиот закон од 2011 година. Како резултат на тоа, потребни се посебни дозволи за нејзино собирање. Овие дозволи се достапни само за научниците.

Но, тоа не ги спречува ловокрадците. Поради недостиг на заштитни мерки и поради тоа што законот не се спроведува правилно, собирањето на оваа критично загрозена пеперутка е детска игра: ловокрадците едноставно треба да се прошетаат низ ридовите на Плетвар и да ја соберат сивката. Примероците што ги собираат потоа се продаваат на колекционери преку нтернет.

Само неколку клика
Не е тешко да се најдат примероци од македонската сивка на интернет. За помалку од 30 евра, колекционерите можат да купат нелегално украден примерок без страв од какви било правни последици.

„Со забраната на лов нема да се реши ништо“, вели за ДВ еден продавач, кој претпочита да остане анонимен. „Аматерските собирачи нема да бидат засегнати. Ова трае со децении, а тука има уште многу пеперутки. Тоа е како овошно дрво. Секоја година ги собирате сите плодови, а следната година ќе ги има повеќе.”

Проф. Андреас Сегерер, ентомолог во Зоолошкото здружение во Минхен, потврдува дека ловокрадството не е нужно проблем кога станува збор за инсекти. За разлика од водоземците или цицачите, инсектите се размножуваат во милиони за да го обезбедат нивниот опстанок.

И покрај тоа што на ентомолозите како Сегерер им требаат мртви примероци за нивната научна работа, тој не одобрува собирање пеперутки за ништо, освен за научни цели.

Некои колекционери се мотивирани од желбата да поседуваат редок примерок“, вели тој. „Мислам дека тоа не е добар мотив за собирање, и во поединечни случаи – како што е можеби со овој вид, кој сè уште е многу редок – ова може да и наштети на неговата популација.

Правни дупки
Причината зошто македонската сивка може легално да се купи во рамките на Европската Унија е поврзана со начинот на кој функционира заштитата на меѓународно ниво.

Иако ловокрадството, продажбата и извозот на пеперутката е нелегално во Северна Македонија, дистрибуцијата во Европската Унија е всушност легална.

ЕУ ја заснова законитоста на трговијата со животни и растенија на CITES, Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора. Договорот е потпишан во 1973 година во Вашингтон и содржи списоци на видови кои се меѓународно признати како загрозени.

Секоја трговија со животни или растенија на оваа листа е нелегална во ЕУ и се спроведува со Директивата за дивиот свет. Сепак, македонската сивка се уште ја нема на оваа листа. Иако има добри шанси да се најде таму во иднина, сепак треба да се надминат бројни пречки пред тоа да се случи.

Иако македонската сивка е на црвената листа на IUCN, што е неопходен услов за да биде меѓународно заштитена од CITES, CITES се уште нема донесено конечна одлука за случајот со оваа загрозена пеперутка.

 

DW