Дополнителен час евтина струја преку ден нема да има

0
13

Ако се воведе евтина тарифа од 12 до 16 часот, ќе треба да се укине евтината тарифа од 22 до 24 часот, вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски

Дополнителен час евтина струја преку ден нема да има до крајот на годината и покрај тоа што цената на електричната енергија во периодот од 12 до 16 часот е најевтина на берзите. Анализите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) покажале дека ако се воведе евтина тарифа од 12 до 16 часот, ќе треба да се укине евтината тарифа од 22 до 24 часот.

„За жал од 20 до 24 часот цените се убедливо високи. Тоа е удар поради случувањата со цените во регионот“, вели првиот човек на Регулаторката комисија, Марко Бислимоски.

Ова регулаторно тело правело анализи од 2021 до септември 2024 година, коишто покажале дека немало услови за евтина дневна тарифа во првите три години, кога и започна интересот за поставување на фотоволтаици.Но, од јануари годинава до септември имало тренд од најниски цени во секој час во периодот од 12 до 16 на берзата ХУПЕКС во Унгарија кои во просек биле под 50 евра за мегават/час.

Се чека на подобри услови
„РКЕ нема да се откаже од воведувањето на евтината дополнителна тарифа, но не сакаме да предизвикаме дополнителни проблеми во ЕСМ затоа што зголемената потрошувачка во дневна евтина тарифа ќе треба да се надомести од некаде“, вели Бислимоски.

Веќе се разговарало и со ЕСМ и со ЕВН Хоум, кои немале забелешки и се за дополнителен час евтина тарифа. „Заеднички заклучивме дека ќе ја следиме сутацијата имајќи предвид дека ќе имаме сериозни најави за зголемување на електирчната енергија од јануари“, додава тој.

Според него, Македонија е единствена земја во регионот со евтина енергија преку ден и верува дека ќе се воведе дополнителен час кога ќе се создадат услови. „Ако ја прекинеме евтината струја од 22 до 24 часот, нема да биде прифатено поради навиките на граѓаните. Реално ако овие часови ги ставиме во скапа тарифа, граѓаните ќе имаат помалку бенефит“, смета првиот човек на регулаторното тело.

Нема да има проблеми со гасот

Оксфордскиот институт за енергетски студии (OIES) предупреди дека Европа треба да се подготви за постудена зима и дека пазарот на гас е ранлив. Според овој институт, блага зима би можела да ја зголеми побарувачката за гас за најмалку осум до 10 милијарди кубни метри, а студена за најмалку 20-25 милијарди кубни метри во однос на минатата година.

Бислимоски вели дека Северна Македонија нема да има никаков проблем со снабдувањето со природен гас, бидејќи тој доаѓа преку т.н Турски тек, така што нема никаков пробем како да дојде гасот до земјата.

„Во Северна Македонија во овој момент нешто помалку од половината од постоечкиот гасовод е искористен. Како што знаете планот е да се направи нова интерконекција со Грција којашто ќе има далеку поголем капацитет од постоечката, така што обезбедувањето на гасот во наредниот период нема да биде проблем“, додава тој.

Во однос на цената на парното греење во Скопје, тој вели дека ќе биде стабилна до следното лето, освен ако не се случи драматична промена на цената кај природниот гас.

 

DW