ЕУ сака да го забрза депортирањето на мигрантите

0
9

Непосредно пред самитот на европските шефови на држави и влади денеска (четврток) во Брисел, повторно почна да се раздвижува дебатата за политиката за азил и миграција. Меѓу другото и на изречно барање на германскиот канцелар Олаф Шолц, самитот ќе помине многу часови во дебата за справување со контрадикторните концепти за миграциската политика.

Од германски владини кругови се вели дека канцеларот продолжува да се фокусира на „заедничките европски решенија“ и сака делумно да ја унапреди реформата на процедурите за азил на ЕУ, која ќе стапи целосно во сила во 2026 година. Многу други земји-членки на ЕУ тоа го бараат со месеци, вклучително и Шпанија. Сепак, не е јасно што всушност може да се изведе: повеќе процедури за азил на надворешните граници на ЕУ, повеќе депортации на одбиени баратели на азил или повеќе договори со земјите на потекло и транзит на мигранти и баратели на азил?

Регулативите за депортација се застарени
Во четвртокот минатата недела повеќето министри за внатрешни работи на ЕУ извршија притисок за донесување нови и построги правила за брзо депортирање на оние баратели на азил кои немаат изгледи да го добијат, во нивните матични земји. Истовремено, треба да се олесни одбивањето на барателите на азил на внатрешните граници на ЕУ, на пример во Германија.

Ова се однесува на луѓе кои веќе би морале да поминат постапка за азил во друга земја на надворешната граница на ЕУ. Токму пред денешниот самит, претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен објави во писмо дека наскоро ќе ја предложи потребната построга директива.

Тројца велат не
Најмалку три земји-членки на ЕУ не се согласуваат со заедничкиот пристап на Унијата. Холандија, која од неодамна е управувана од десничарски популисти, и актуелниот претседател на Советот на ЕУ, Унгарија, бараат таканаречено откажување од политиката за азил. Во никој случај не сакаат да ги поддржат реформите што се веќе одлучени. Полска е ново засилување. Христијанско-демократскиот полски премиер Доналд Туск сака привремено да не го применува воопшто европскиот закон за азил во неговата земја. Тој смета дека постои вонредна состојба во Полска.

Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, го критикуваше ова најавеното непочитување на европското право. „Тоа не е можно. И ние го соопштивме тоа“, рече Јохансон. Исклучување, односно повлекување од миграциската политика на ЕУ, е можно само доколку се променат договорите на ЕУ. Но, тоа воопшто не е предмет на дебата во моментов. „Ова не е добра идеја!“, изјави кусо германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер на оваа тема.

 

DW