Епидемиологот Даниловски за птичјиот грип: Бидете си спокојни!

0
21

Епидемилогот Драган Даниловски ја критикива ЗОО Скопје дека долеале масло на огнот со соопштението на менаџментот, во кое, меѓу другото, стои дека „инспектори и лица со оружје без налог упаднале и извршиле масакр врз птиците!“. Тој потенцира дека ризикот за заразување на луѓето е минимален. Заразата кај луѓето може да се случи само при директен контакт со заразени птици или нивните секрети, а не преку консумирање на месо или јајца доколку тие се добро термички обработени. Преносот на вирусот од човек на човек е редок, и досега не е потврдено дека овој сој на птичји грип се пренесува меѓу луѓето.

Во својата ФБ објава тој вели:

„По една денешна, според мене, мошне „несреќна“ објава на социјалната мрежа Фејсбук, дека во Зоолошката градина во Скопје е најдена „смртоносна бактерија птичји грип“, дека „зоолошката градина е затворена“, а „посетителите биле евакуирани“, „инспекторите влезени“… за да заврши со замолница „посетителите и колегите да се провереле“, секој обичен граѓанин не би можел да остане рамнодушен!

Масло на огнот долеа соопштението на менаџментот на „Зоолошката градина“, во кое, меѓу другото, стои дека „инспектори и лица со оружје без налог упаднале и извршиле масакр врз птиците!“ Па се продолжува со обвинение дека се работело за „секташка политика“ чија цел е да „се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“. И дека за тоа ќе поднеле „кривични пријави против директорот на АХВ како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје“! Сево ова, без официјална информација дека е изолиран вирус од надлежните органи… Чуму им беше тоа потребно?

Кога станува збор за потенцијална опасност по јавното здравје, (а сепак не е, како што ќе образложам понатаму), сите ние како поединци, (особено оние кои биле на раководни позиции, како авторот на несреќната објава на Фејсбук) и организации (во случајов „Зоолошката градина“) – се очекува да покажеме внимателност и елементарна свест, совест и „сенс“ за можните реперкусии во јавноста од јавно искажаниот збор!

На крајот, се огласи и Агенцијата за храна и лекови (АХВ). Соопшти дека, по вчерашното лабораториско тестирање на угинатата птица на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, потврдено е присуство на виосокопатогениот сој на вирусот на птичји грип A(H5N1).

Мерките што АХВ ги има преземено денес (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца! Тоа е за поздравување!

Кој е под ризик да се зарази? Практично, исклучиво птиците! Ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.

Нема овде многу работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центрите за јавно здравје, освен здравствен надзор над граѓаните што ја посетиле Зоолошката градина. Сепак, за нивно заразување ризиците се минимални.

Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.

Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо.

Преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.

Периодот на инкубација се движи просечно од 2 до 5 дена, па и до 17 дена.

Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).

Стапката на смртност од инфекција со A(H5N1) кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен.

Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали.

Бидете си спокојни!“, завршува Епидемиологот Даниловски во своето писание до јавноста.