Потребни се многу пари за да се стане претседател на САД. Кандидатите имаат неколку опции да дојдат до потребните средства. Прв начин е да ја финансираат кампањата од сопствени средства. Алтернативно, може да собираат донации од приватни лица. Трет извор за финансирање се групи за политичко дејствување, т.н. „пакс“ или „супер пакс“. Последната опција е да се бара владино финансирање, кое пак е поврзано со строги ограничувања на трошењето средства заради што менјстрим кандидатите од последните години ја избегнуваа оваа можност.
Колку пари собра Камала Харис?
Штабот на кандидатката на Демократите, Камала Харис, до 30 септември собра над 906 милиони долари (838,8 милиони евра), според податоците на „Јавна тајна“, непрофитна организација од Вашингтон чија што задача е да ги следи финансиските текови за време на предизборните кампањи во САД. Во таа сума се вклучени и средствата собрани од Џо Бајден, иако вистинското донирање реално започна откако тој се повлече од трката во јули годинава. Покрај овие средства има уште 359 милиони долари кои други надворешни групи ги собраа до 22 септември за поддршка на Харис, што значи дека повеќе од 1,27 милијарди долари се собрале во ковчежето на Харис за предизборната битка.
Повеќе од половината од сумата се големи донации. Индивидуални донатори со помали приодонеси од под 200 долари придонеле за 44 проценти од вкупната сума.
Колку собрал Доналд Трамп?
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп не собра ни приближно колку Харис. Неговиот штаб собрал 367,1 милиони долари, околу 40% помалку од Харис. Надворешни групи собрале уште 572,8 милиони, со што вкупната сума за финансирање на кампањата според „Јавна тајна“ изнесува нешто помалку од 940 милиони долари. Трамп во голема мера зависи од поддршката на ултра-богатите, а повеќе од 68% од неговите расположливи средства се токму од големи донатори.
Што е со трошењето на Конгресот?
На изминатите претседателски избори, ривалите на Трамп располагаа со повеќе средства за кампањата. И покрај тоа, тој победи против Хилари Клинтон во 2016 година, а потоа загуби од Бајден во 2020 година. Тоа несовпаѓање покажува колкава улога играат парите, но и дека сами по себе не може да бидат пресудни, оценува Ден Малинсон, вонреден професор по јавна политика и администрација во Пен Стејт Харисбург во Пенсилванија.
Сепак, донациите се незамисливо важни бидејќи претседателските кампањи „станаа прашање од милијарди долари“, вели Малинсон за ДВ. „Кандидатите, партиите, акциските комитети и други организации мора да собираат значителни суми за да водат национални кампањи“, додава тој.
Но, не собираат пари само поранешниот претседател и потпретседателот во овој изборен циклус. Од 100 пратеници во американскиот Сенат, 34 се избираат годинава. Во Претставничкиот дом пак, сите 435 мандати се распределуваат од ново. За нивните изборни кампањи, сите кандидати за Сенатот заедно собрале 1,38 милијарди долари, објавува „Јавна тајна“. Кандидатите за Претставничкиот дом пак собраа 1,78 милијарди долари.
DW