Обвинителството отвори предистрага за назначувањето на Бојан Христовски за прв човек на Агенцијата на национална безбедност, по сомнежот кој се отвори во јавноста околу сертификатите коишто ги поседува за да ја извршуваа оваа одговорна функција. Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека до нив е доставена анонимна кривична пријава, која е распоредена кај јавен обвинител и по која се постапува.
Пријавата се однесува на сертификатот за англиски јазик ТОЕФЛ, кој Христовски го добил од бугарската школа „Јулија”. Обвинителствоот веќе има постапувано во случаи кадешто предмет на проверки биле токму сертификати издадени од оваа школа, за што се изречени и пресуди. Две директорки кои употребиле ТОЕФЛ-сертификат од истата компанија од Бугарија од каде што е сертификатот на Христовски, признале вина дека документот им е фалсификат и се осудени на по две години затвор, казна која нема да се изврши ако не сторат кривично дело во следните четири години.
Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, документи од „свиркачи“ потврдуваат дека првиот човек на тајната служба, Бојан Христовски е незкаонски поставен на функцијата. Тој во четвртокот (31.10) од собраниска говорница презентираше документи од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, кои наводно посочуваат дека Христовски не го исполнува главниот услов за да биде директор на АНБ – нема 5 години стаж на раководна позиција.
„Со малку математика може да се оспори и главниот услов за негово назначување, а тоа е 5 години стаж на раководни позиции, согласно законските услови. Ни тој услов не го исполнува вашиот партиски кадар“, рече Филипче.
Но, премиерот Христијан Мицкоски го тврди сосема спротивното. Според него, Христовски нема пет, туку девет години работно искуство. Тој, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, рече дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста, а на опозицијата ѝ порача да не прави политика од овој случај.
Христовски се најде во центарот на вниманието на јавноста по информациите дека поседува спорен сертификат за англиски јазик издаден во Бугарија. Паралелно со Обвинителството и Антикорупциската комисија го истражува случајот. Тој во официјалната биографија навел дека на 26 март 2022 зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија.
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, побара од претседателот на собраниската Комисија за следење на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање да закаже седница на која ќе го викне директорот на АНБ, Бојан Христовски да одговори каде бил на денот на полагањето ТОЕФЛ-тест за англиски јазик во Пловдив.
DW