Почина Оливера Николова на 88 години, македонската писателка која ја напиша легендарната лектира „Зоки Поки“

На 88 години почина Оливера Николова, жената која ја напиша култната „Зоки Поки“, писателка позната како мајка на македонската литература за деца и возрасни.

Во нејзината плодна кариера, која траеше повеќе од 6 децении, таа напиша многу дела, но сепак ќе остане запаметена како жената која го создаде ликот на омилениот „Зоки Поки“, книга која и денес е неизбежна лектира во училиштата.

Родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург.

Николова е и автор на ТВ серии и радио-драми како „Зоки Поки,“ „Среќен пат, Зоки!“ и „Девојките на Марко“, со кои остави траен белег во домашната кинематографија.

Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „Стале Попов“, „Рациново признание“, „Роман на годината“, како и наградата „ПрозАРТ“ за придонес во развојот на балканската литература.

Но, Николова е добитник е и на Орденот за заслуги, признание кое ѝ го додели претседателот Стево Пендаровски во текот на својот мандат.

 

crnobelo.mk