По победата на Доналд Трамп на изборите во САД, македонските политичари очекуваат продлабочување на соработката со новата американска администрација и зајакнување на стратешкото партнерство. И власта и опозицијата испратија честитки до новоизбраниот американски претседател, изразувајќи надеж дека американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и досега, за конечно да се решат отворените прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа.
Што очекуваат македонските политичари од новата американска администрација?
„Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи. Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова е уверена сум дека во периодот што следи стратешкото партнерство меѓу двете земји ќе биде унапредено и збогатено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели.
„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот“, вели таа.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, порача дека со нетрпение очекува да работи со неговиот „добар пријател Ричард Гренел и со новата администрација на Трамп“ за да ја унапреди заедничката визија за глобален мир и просперитет. „Заедно, можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена“, објави Муцунски на Фејсбук.
„Стратешкото партнерство ќе се продлабочи“
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче е убеден дека под водство на Трамп стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи. Северна Македонија и САД имаат долгогодишни врски на пријателство и соработка, и верувам дека тие ќе се развијат уште повеќе, кон наш заемен напредок и благосостојба, вели Филипче.
„Очите на целиот свет се насочени кон САД каде се гласаше за 47-ми претседател на водечката земја во демократскиот свет. Американските гласачи се определија за импресивно враќање на претседателот Трамп во Белата куќа во Вашингтон“, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Тој е уверен дека по победата на Трамп, американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и секогаш, за конечно да се решат отворените прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа.
Според претседателот на Собранието, Африм Гаши, победата на Доналд Трамп ја одразува силата на американската демократија. „Северна Македонија била и ќе остане силен сојузник на развојните и стабилизациските политики на САД. Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и постојан извор на поддршка“, вели собранискиот спикер.
DW