Шпанија: Поплавите во Валенсија уништија повеќе од 100.000 автомобили

Разорните поплави оставија траги на уништување во Валенсија, при што се оштетени повеќе од 100.000 автомобили и големи подрачја од градот се претворени во автомобилски отпад, известува Анадолу.

Продолжуваат обидите да се отстранат десетици илјади оштетени возила што поплавите ги однесоа од улиците, гаражите и автопатиштата.

Историските врнежи што се случија на 29 октомври, особено во шпанската провинција Валенсија, предизвикаа излевање на реките и големи поплави. Огромните количества вода движејќи се кон Средоземното Море пустошеа сѐ пред себе како цунами, брзо поплавувајќи ги населбите и градовите.

Поплавите во Валенсија зафатија 75 општини и 450.000 хектари земјиште. Според Владата на Валенсија, тоа е област речиси иста по големина како и шпанските Балеарски Острови.

Десеттина дена по катастрофата голем број подрачја сѐ уште се прекриени со кал и отпад.

Според владините бројки, секој ден сè уште се спасуваат десетици луѓе од страна на безброј доброволци и најголемо мирновременско распоредување на воен персонал во Шпанија, во што се ангажирани околу 8.500 војници и околу 10.000 национални полицајци.

Досега шпанската Влада понуди 10,6 милијарди евра заеми и помош за обнова на уништените подрачја.

Поплавите беа предизвикани од невремето што ја зафати Шпанија повеќе од една недела, предизвикувајќи поплави во поголем број подрачја, меѓу кои Кадиз, Барселона и Жирона.

Според податоците што ги објавија локалните власти, повеќе од 220 луѓе ги загубија животите во несреќите предизвикани од поплавите.

извор:Анадолија