Околу 350 деца Роми, на возраст од три до шест години, ќе престојуваат бесплатно во јавните градинки во 21 општина во државава. Во рамки на проектот „Инклузија на децата Роми во јавните општински установи – детски градинки“, денеска беа потпишани договори за соработка меѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, општините и градинките на нивна територија каде што ќе бидат згрижени децата од таа етничка заедница.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани рече дека инклузијата на деца Роми во градинките ќе биде овозможена со блок-дотации кои на општините ќе им ги обезбеди Министерството.
-Преку оваа соработка, сите заедно придонесуваме за вклучување на што поголем број на деца Роми во предучилишниот воспитно-образовен процес. Треба да продолжиме да вложуваме во образованието на децата Роми од што придобивка има целото наше општество, изјави Лимани.
Проектот го поздравија неколку градоначалници што присуствуваа на настанот. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, изјави дека проектот на инклузија на деца Роми во нивната општина се спроведува во градинката „25 Мај“. Како што рече, опфатени се 20 деца кои се ослободени од партиципација за згрижување во градинките.
-Сакам да потенцирам дека секое дете е важно и наша обврска е да овозможиме услови и можност за тоа да се едуцира и надградува. Со овој проект ја зголемуваме инклузијата на деца Роми во детските градинки за да можат потоа полесно да го продолжат својот образовен процес, рече Стефковски.
Во однос на местата за прием на деца со кои располагаат градинките во Гази Баба, посочи дека недостигот на капацитети е генерален проблем во државата. Но, очекува дека „ќе се затвори целата потреба на деца коишто во овој период се на листа на чекање“ со реализација на проектите што ги има Општината за четири нови градинки – во Трубарево, Инџиково, Синѓелиќ и во населено место помеѓу Маџари и Ќерамидница.
denesen.mk