Службените возила ќе добијат таблички во боја

Сите службени возила ќе бидат обележани со специјални регистарски таблици во боја за да се избегне нивната злоупотреба. Ќе се воведат и телефонски линии на кои граѓаните ќе може да пријават злоупотреба на автомобилите, по кои потоа ќе се постапува. Ова го најави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.

„Одлучивме да воведеме специјални таблици во боја, а регистарот паралелно да го работиме во текот на годината. Правилникот го имаме донесено и сега се чека на потпис на министерот за внатрешни работи. Тие специјални таблици бројат околу 6.500 за сите возила на територија на цела Македонија“, изјави Томовски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.

Ослободување од старите возила

Според директорот на СОЗР, од вкупно 120 возила во сопственост на СОЗР само десет се функционални.

„Ние како СОЗР ги опслужуваме сите вип личности со 45 шкоди, кои секои три години се обновуваат на оперативен лизинг и имаме плус уште 120 возила кои се во сопственост на СОЗР. Кога го преземавме кормилото на службата,  функционираа 10, а останатите 110 возила не се сервисирале воопшто. Од тие 110 ги ставивме барем 50% проценти во функција, а за останатите е отпочната постапка за продажба според закон“, посочи Томовски.

 

 

DW