Највисоката казна која денеска беше изречена во Кривичниот суд во Скопје е 5 години и 6 месеци затвор, а најниската е условна осуда. Сите 13 млади луѓе на возраст од 22 до 32 години судот ги прогласи за виновни дека сексуално злоупотребиле малолетничка ја снимале и ги препраќале снимките.
„Ова не е битка на мажи против жени туку е битка на идните генерации“, рече судијката Даниела Димовска изрекувајќи ја осудителната пресуда во случајот за сексуална злоупотреба на малолетничка во Велес од страна на 13 млади велешани.
Таа рече дека оваа пресуда е поука за целото општество кое треба да се запраша што се случува со младите во Северна Македонија. Изнесе мал детал од целата постапка откривајќи дека настаните за кои се товарат осудените се случувале под дејство на дрога.
„Наместо портокаловата боја која треба да е симбол на љубов и разбирање во случајов е боја на портокаловата чинија која полна со неограничени количини на кокаин стоела на маса пред младите. Треба да се запрашаме дали тие имаат контрола, дали знаеме каде се движат малолетните, дали кокаинот е единственото нешто што ги прави среќни, дали родителите знаат што се случува со нивните деца и дали тие можат да создаваат здрави врски кои ќе градата здрави фамилии? Ова се прашања за цело општество“, рече Димовска.
Инаку најмладиот од осуденитеима 22 години додека најстариот е 32- годишен, но делото го сториле пред три години кога биле уште помлади.
Пресудите кои беа изречени се, за првообвинетиот пет и пол години, за двајца од обвинетите, четири и пол години, а за двајца се по четири годишни затворски казни. Петмина добија затворска казна од една и пол година, додека последниот обвинет доби условна осуда од две години затвор која ќе се изврши само ако во наредните пет години не стори кривично дело.
Судењето започна на 19 септември 2023 година против 13 обвинети, при што уште на стартот еден од нив призна вина. Дел од нив се товареа за трговија со дете, дел за полов напад и силување, а само еден од нив доби обвинителен предлог за Производство и дистрибуција на детска порнографија.
На стартот на судењето судијата кој тогаш го водеше случајот Осман Шабани, по барање на јавната обвинителка Милица Гаврилова одлучи судењето да се одвива зад затворени врати за да не се направи поголема штета на оштетеното девојче.
slobodnaevropa.mk