„Драги патници, запознајте го Дино, нашиот нов дружељубив крзнен пријател, а во исто време и одлично обучено терапевтско куче. Дино ќе биде присутен на излезите (гејтовите) и со него ќе имате можност да се забавувате и опуштите пред вашиот лет“ – напишаа од Скопскиот аеродром.
Од Меѓународниот аеродром Скопје, викендов доаѓа пријатна и позитивна вест, која ќе ги израдува сите вљубеници во крзнените пријатели.
Почнувајќи од 22 ноември, златниот ретривер Дино, кој воедно е и обучено терапевтско куче, ќе биде гостин на скопскиот аеродром, а негова најголема цел е да ги опушта и дружи патниците пред лет.
Па така, оние кои летањето го доживуваат стресно, ќе можат малку да се релаксираат, дечињата кои нетрпеливо чекаат на излезите ќе можат да си играат и да се забавуваат, но и сите оние кои немаат друштво, може да се дружат со Дино.
Веста ја објавија на официјалниот Фејсбук профил на аеродромот, заедно со неколку фотки од првите дружби на гејт на Дино:
„Драги патници, запознајте го Дино, нашиот нов дружељубив крзнен пријател, а во исто време и одлично обучено терапевтско куче.
Дино е златен ретривер кој го одбравме да биде наше #SkopjeAirportZenDog, и кое почнувајќи од денеска, 22. ноември, ќе биде гостин на Меѓународниот Аеродром Скопје секој месец.
Додека чекате да се качите на својот лет, можете да го погалите и да си поиграте со него.
Патувањето може да биде стресно и токму затоа се потрудивме да го направиме вашето патување порелаксирано. Дино ќе биде присутен на излезите (гејтовите) и со него ќе имате можност да се забавувате и опуштите пред вашиот лет.
Оваа иницијатива на ТАВ Македонија е со цел создавање пријатна атмосфера на аеродромот и подобрување на искуството на патниците
На фотографиите се нашите денешни патници кои беа пресреќни што имаа можност за дружење со Дино“.
crnobelo.mk