Руските дезертери стравуваат од депортација од Германија

Германија депортира сѐ повеќе руски државјани во нивната татковина, иако нема директен лет меѓу двете земји. Бројот на депортации може дополнително да се зголеми доколку судовите и властите сметаат дека пресудата на Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург (случај број OVG 12 B 17/23) е преседан.

Имено, тој суд утврди дека за младите руски војници, кои се повикани на воена служба, практично не постои ризик да бидат испратени во војната во Украина. Тие би биле распоредени само за заштита на границата со Украина и Крим, се наведува во пресудата. Од сето ова, судот заклучи дека нема причина да се дава азил на руски државјани во Германија, бидејќи повикот за воена служба сам по себе не претставува причина за добивање азил.

Пресудата беше донесена на крајот на август, но медиумите дознаа за тоа дури сега. Информациите за овој случај се резултат на соработката меѓу новинарите на Дојче веле и информативниот портал tagesschau.de, кој работи како дел од јавниот сервис АРД.

Како започна сѐ: Чеченец тужи за депортација
Она што започна со тужба на поединец против депортација во Русија, заврши со пресуда која може да стане преседан, односно образец за решавање слични случаи. Пресудата може да ги наруши плановите на стотици Руси кои ја напуштија својата татковина затоа што не сакаат да служат војска и кои, врз основа на тоа, сакаат да добијат азил во Германија. Но, конкретно во овој случај, не стануваше збор за лице кое одбива да оди во војска или за дезертер. Тужителот е 22-годишен руски државјанин со чеченско потекло.

Во Германија дошол кога имал десет години, но неговото семејство не добило азил, туку само дозвола за привремен престој. Младиот човек станал криминалец и набрзо полицијата го класифицирала како т.н „интензивен сторител“, односно лице кое извршило повеќе кривични дела. Тој е осуден на две години и девет месеци затвор. Тој бил проблематичен и за време на казната – имено, претепал затвореник и поради тоа е дополнително казнет. Во пролетта 2023 година, Службата за странци го известила дека мора да ја напушти Германија.

Но, тој поднесел тужба против таа одлука. Еден од неговите главни аргументи бил дека по враќањето во Русија, ќе биде регрутиран и испратен во војната во Украина .

Судот го отфрли неговото барање. Образложението на пресудата има 16 страници. Делот за регрутирање во Русија се потпира на десетици извори, вклучувајќи извештаи од владини и невладини организации, како и написи во европски и руски медиуми. Бил анализиран рускиот систем на регрутирање за вооружените сили, како и ризиците за војниците кои би можеле да бидат испратени на фронтот.

Судиите заклучиле дека е малку веројатно регрутираните војници да бидат испратени во Украина. Единствен исклучок се т.н „доброволни баталјони“ од Чеченија, но судот сметал дека депортираниот тужител може слободно да го избере местото на живеење во Русија.

 

 

DW