На долг рок, германскиот пазар на труд секоја година „во значителна мера“ зависи од доселениците – ова е заклучокот од анализата нарачана од фондацијата Бертелсман. „Со цел да се задоволат потребите за работна сила и да се обезбеди благосостојба на Германија, доселувањето на меѓународни работници, особено од трети земји, станува сè поважно. Затоа, до 2040 година ќе бидат потребни приближно 288.000 меѓународни работници годишно за да се обезбеди доволна понуда на работна сила.
Според студијата, бројот на работници без дополнителни имигранти ќе се намали до 2040 година од сегашните 46,4 милиони на 41,9 милиони. До 2060 година, тој број, без дополнителна имиграција, може да се намали за една четвртина, на само 35 милиони.
Пазарот на трудот се соочува со големи предизвици
„Демографските промени, кои во наредните години поради пензионирањето на генерацијата на „бејби бумери“ ќе постават големи предизвици за германскиот пазар, исто така наметнуваат и доселување на работна сила“, вели Сузане Шулц, експерт за миграција од фондацијата Бертелсман.
„Се разбира, пред сè, мора да се развие домашниот потенцијал на работната сила – и локалните жители и луѓето кои веќе се вселиле и да се зголеми нивното учество на пазарот на трудот. Сепак, идните потреби до 2040 година не можат да се задоволат само на овој начин.
Реформираниот закон за имиграција на квалификувана работна сила дава нови можности за работниците кои се заинтересирани за Германија. Сепак, според студијата, тие нема да дојдат ако не се добредојдени во институциите, компаниите и заедниците, како и без долгорочни изгледи за престој.
Различни последици за различни делови на Германија
До 2024 година, нема да бидат подеднакво погодени сите германски сојузни покраини од недостатокот на доселеници. Според студијата, најголем пад на работната сила ќе биде забележан во Тирингија, Саксонија-Анхалт и Сар, со повеќе од десет проценти. Помал пад, под десет проценти, се очекува во Хамбург, Берлин и Бранденбург.
Нивото на потребите за имиграција во сојузните покраини зависи од проекцијата на потребната работна сила до 2040 година. Бидејќи структурните промени се рефлектираат на различни начини, најмногу меѓународни работници ќе бидат потребни во оние покраини каде што до 2040 година зголемувањето на потребите за работна сила ќе биде поголемо од намалувањето. Ова особено важи за Баден-Виртемберг, Баварија, Хесен, Берлин и Хамбург.
DW