Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос очекува Северна Македонија да го промени Уставот. „Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, порача Кос во изјава за медиумите по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија.
Како да се реши билатералниот проблем меѓу Скопје и Софија?
На прашањето дали потоа може да се дадaт гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање. Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.
„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, порача Кос во изјава којашто ја пренесува известувач на МИА од Стразбур.
Проценувајќи дека проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години, поради променета геополитичката ситуација, таа вели дека постојат реални шанси во следните неколку години, неколку држави да дојдат до крај на процесот, за нивен влез во ЕУ. „Не знам кои се тие држави, но ќе бидат оние кои ќе ги исполнат сите услови“, вели Кос.
DW