Постои само една Македонската академија на науките и уметностите која ја претставува државата и сите етнички заедници. Притисокот да се формира моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован, вели првиот човек на МАНУ, Живко Попов на 57 годишнината од формирањето на Академијата. Наместо паралелни институции Попов повикува да се формираат научно-уметнички друштва или граѓански здруженија.
Академиците се единствени и во ставот дека албанскиот јазик кој е предмет на дискусија и во Уставниот суд, не треба да се укине. Повикуваат на доуредување на законското решение во кое ќе се применат и забелешките на Венцијанската Комисија.
Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и се уште не им се гледа крајот, дециден е првиот човек на МАНУ. Вели, по болните компромиси, промената на државното знаме, евроскептицизмот расте и изостананува отворањето на процесот на преговори со ЕУ
-Евроскептицизмот кој се јавува во последно време е резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно превземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, кои во најмала рака беа референдумски прашања кои треба да се почитуваат, чии што последици се евидентни и се уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, при што си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ, рече во своето обраќање претседателот на МАНУ, академик Живко Попов.
На свечената академија беше доделено и меѓународното признание „Блаже Конески” на годинашниот добитник Мотоки Номачи од Јапонија, а беше промовирано и изданието „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902-1917″.
denesen.mk