Експлозија на Косово: Размена на обвинувања Приштина-Белград

Нови тензии на релација Косово-Србија. По експлозијата во водоводен канал за снабдување на две важни термоелектрани на Косово, премиерот Албин Курти говореше за терористички акт, изведен од банди предводени од Србија.

„Ова е криминален и терористички напад кој има за цел да ја оштети нашата критична инфраструктура. Нападот го извршија професионалци. Веруваме дека доаѓа од бандите предводени од Србија. Доколку не се санира штетата, тогаш дел од Косово ризикува наутро да остане без струја“, рече Курти на вонредната прес-конференција.

Курти: Трета експлозија која таргетира косовски институции

Курти рече дека нема друга адреса за вакви напади „освен официјален Белград и криминалните структури на чело со Милан Радоичиќ“.

„Ова е напад, трета експлозија во последните денови која ги таргетира нашите институции. И тие имаат за цел да поттикнат страв. Ваквите напори ќе останат неуспешни бидејќи уставноста во нашата земја, владеењето на правото, редот и нашата Република никој нема да ги победи“, рече Курти.

Курти најави и дека  ќе се сретне со командантот на КФОР и оти свикал состанок на Советот за безбедност на Косово.

Синоќа околу 19 часот, како што потврдија од косовската полиција, во водоводниот канал Ибар-Лепенец во селото Вараге, општина Зубин Поток, била фрлена експлозивна направа, која предизвикала големи загуби на вода во тој канал.

Тоа довело и до загрозување на снабдувањето со вода за пиење за целиот регион, како и загрозување на функционирањето на системот за ладење во термоелектраните на Косовската електроенергетска корпорација (КЕК) во Обилиќ. Регионалното водоводно претпријатие „Митровица“ соопшти дека го прекинало водоснабдувањето.

Овој криминален чин го осудија САД, ЕУ, највисоките функционери на Косово и лидерите на политичките партии, како и Српската листа.

Станува збор за трета експлозија на северот на Косово во рок од три дена. Пред три дена бомба беше фрлена во дворот на полициската станица Звечан, додека вчера беше фрлена бомба во зградата на општина Звечан.

Поради ова косовската полиција соопшти дека ги зголемила безбедносните мерки низ државата.

Ѓуриќ: Намерна диверзија

Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска изјави дека Србија најостро го осудува нападот на каналот Ибар-Лепенец кај Зубин Поток во Косово и ги повика релевантните меѓународни власти да спроведат темелна и транспарентна истрага со цел да се идентификуваат и да се повикаат на одговорност одговорните за овој чин.

„Додека етнонационалистичкиот режим на Курти побрза да го впери прстот кон Србија без докази, ние веруваме дека ваквите предвремени обвинувања се намерна диверзија, која потенцијално укажува на вмешаност на режимот на Албин Курти“, нагласи Ѓуриќ во објавата на платформата Х.

Тој оцени дека ваквите неосновани обвинувања ги поткопуваат напорите за конструктивен дијалог и служат само за ескалација на тензиите во и онака деликатна ситуација и посочи дека Србија недвосмислено бара одговорност за сторителите на „овој непромислен напад“.

 

 

 

DW