Десетици осомничени за злоупотреби при раководењето со ЕСМ и РЕК Битола

Најмалку десетина луѓе се уапсени поврзани со РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и на ТЕЦ Неготино при денешната акција на Министерството за внатрешни работи. Во соопштението од МВР е наведено дека во тек е полициска акција и дека по завршувањето на истатата ќе бидат соопштени детали. Истрагата ја водат двајца обвинители од Обвинителството за борба против организиран криминал и оттаму велат дека детали ќе соопштат во текот на денот.

Истрагата опфаќа 25 субјекти од кои 23 се физички лица, а две се правни лица, јавуваат дел од медиумите. Акцијата се спроведува во неколку градови, вклучувајќи Битола, Велес, Кичево и Скопје.

Осомничени се дел од поранешни директори на ЕСМ и РЕК Битола. Меѓу осомничените се Васко Ковачевски, како поранешен генерален директор на ЕСМ, потоа Васко Стефанов, неговиот наследник и Пеце Матевски, поранешен директор на РЕК Битола, јавува Телма.

На оваа истрага и претходеше јавна критика од актуелната власт за лошото менаџирање со ЕСМ и сомнежи за криминал во јавните набавки.

Минатата недела РЕК Битола еднострано го раскина договорот со „Марковски Компани“ за ископ на јаглен и јаловина затоа што фирмата несовесно и неквалитетно ги извршувала задачите, соопшти на 5 декември директорот на термоелектраната Тони Петрушевски.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, додека беше во опозиција, критикуваше дека тендерите склучени со оваа фирма се „местени“ во корист на тогашното раководство поставено од СДСМ.

 

 

Slobodnaevropa.mk