Околу 87.000 луѓе евакуирани поради вулканска ерупција на Филипини

Околу 87.000 се евакуирани денес во централниот филипински регион, по еден ден откако еруптираше вулканот Канлаон на островот Негрос, пренесува Анадолу.

Последната ерупција на планината Канлаон не предизвика непосредни жртви, но нивото на тревога е покачено за едно ниво, што укажува на можноста за понатамошни и поексплозивни ерупции.

Вулканската активност во понеделникот траеше околу четири минути, а пепелта беше исфрлена на висина од 3.000 метри.

„Вулканската пепел падна на широк простор, вклучувајќи ја и покраината Антике на повеќе од 200 километри западно од вулканот, намалувајќи ја видливоста и претставувајќи ризик по здравјето“, изјавија главниот вулканолог на Филипините, Терезито Баколкол, и други официјални лица.

„Откажани се најмалку шест домашни летови и еден лет за Сингапур, а два локални лета беа пренасочени вчера и денес“, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Филипините.

Цивилната заштита соопшти дека започнала итната масовна евакуација во градовите и селата најблиску до западните и јужните падини на Канлаон кои беа покриени со пепел, вклучувајќи го и градот Ла Кастелана со околу 47.000 луѓе.

„Повеќе од 6.000 луѓе се преселиле во центрите за евакуација, а други привремено се преселиле во домовите на роднините во Ла Кастелана“, изјави градоначалничката Румила Мангилимутан.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор изјави дека властите се подготвени да обезбедат поддршка за големиот број раселени луѓе и дека неговиот секретар за социјална заштита отпатувал во погодениот регион утринава.

„Подготвени сме да ги поддржиме семејствата кои беа евакуирани надвор од опасната зона долга шест километри“, рече Маркос.

Вулканот Канлаон стана активен во јуни оваа година, кога еруптираше околу шест минути и испушти чад до висина од 5.000 метри.

 

извор: Анадолија