Турскиот дрон Бајрактар ТБ2 собори нов рекорд надминувајќи милион часа лет

– Ѓоксел ЈИЛДИРИМ

Бајрактар ТБ2, кој ја носи титулата прво вооружено беспилотно летало во Туркије и беспилотно летало што го претпочитаат голем број земји, собори нов рекорд со надминување на еден милион часови лет, известува Анадолу.

Бајрактар ТБ2, кој трасираше нов пат во историјата на турската авијација, постигна уште едно важно достигнување, успешно завршувајќи еден милион часови лет. Со тоа, Бајрактар ТБ2 стана првиот национален авион кој надмина еден милион часови на небото во период од десет години откако влезе во инвентарот во 2014 година.

Оставајќи ги зад себе американските, израелските и кинеските конкуренти како најголема светска компанија за беспилотни летала, Бајкар ја доведе Туркије на позицијата на земја со 65 % удел на глобалниот пазар на беспилотни летала, благодарение на нејзиниот извозен успех.

За време на долгото патување на небото, турските беспилотни летала изминале пат кој е еквивалентен на обиколување на светот 3.742 пати.

– Туркије стана водечка земја

Со успехот на Бајрактар ТБ2 во конфликтните зони како што се Либија, Нагорно-Карабах и Украина, Туркије стана лидер на глобалниот пазар на беспилотни летала. Од 2021 година, Туркије стана најголемиот снабдувач на беспилотни летала во светот.

Бајрактар ТБ2 стана избор на голем број земји низ светот со својата висока технологија, пристапна цена, брз процес на испорака и ефикасност докажана на терен. Иновативниот производствен пристап на Туркије ја зајакна нејзината позиција како водечки актер на военото поле, како и во стратешката дипломатија и во рамнотежата на меѓународната безбедност.

– Потпишани договори за извоз со 34 земји

Компанијата „Бајкар“, која своите проекти ги реализира од сопствени ресурси, од почетокот на процесот на истражување и развој на беспилотни летала во 2003 година, 83 отсто од своите приходи ги остварила од извоз. Постигнувајќи 1,8 милијарди долари извоз во 2023 година, Бајкар беше меѓу првите десет компании со најголем извоз во сите сектори во Туркије.

Компанијата „Бајкар“ ја доби наградата „Шампион во извозот“, и според податоците на Претседателството на одбранбената индустрија и Советот на турски извозници (ТИМ), таа е лидер во извозот на одбранбената и воздушната индустрија за 2021, 2022 и 2023 година. Заработувајќи повеќе од 90 % од своите приходи од извоз во последниве години, само Бајкар остварил една третина од одбранбениот и воздушниот извоз на нацијата во 2023 година.

Од договорите што моментално ги склучува Бајкар, најголемата светска компанија за производство на беспилотни летала, 97,5 % се однесуваат на извоз. Досега се потпишани договори за извоз со 35 земји, меѓу кои со 34 земји за извоз на Бајрактар ТБ2 и со десет земји за извоз на Бајрактар АКИНЏИ.

– Ја надмина конкуренцијата

Бајрактар ТБ2 на крајот од конкурентскиот процес влегува во инвентарот на бројни земји. Победник на таквиот процес што го спроведе Министерството за одбрана на Кувајт во 2023 година беше токму Бајрактар ТБ2. Беспилотните летала Бајрактар ТБ2 победија во демо активностите, оставајќи ги зад себе американските, европските и кинеските конкуренти. Бајкар потпиша со Министерството за одбрана на Кувајт важен договор за извоз.

Географските подрачја во кои оперираат турските беспилотни летала продолжуваат да се зголемуваат. Како резултат на договорот потпишан во Загреб на 19 ноември 2024 година, заедно со извозот во Хрватска, Бајрактар ТБ2 влезе во инвентарот на шест земји членки на НАТО и четири земји членки на Европската Унија од ноември 2024 година.

– Најдобар во својата класа

Бајрактар ТБ2, чии критични делови, дизајн и софтвер се развиени на национално и локално ниво во Бајкар, се произведуваат во Националниот технолошки центар „Оздемир Бајрактар“ со рекордно ниво од 93 % учество на домашната индустрија.

Со оглед на техничките карактеристики и операциите во кои учествуваше, Бајрактар ТБ2, кој се смета за „најдобар во светот во својата класа“, влезе во инвентарот на Турските вооружени сили (ТВС) во 2014 година. Беспилотното летало, кое беше вооружено во 2015 година, оперативно го користат Турските вооружени сили, Главната команда на жандармеријата, Главната управа за безбедност и Турската служба за разузнавање (МИТ). Бајрактар ТБ2 игра активна улога во борбата против тероризмот во земјата и во странство.

– Активен член на турската војска

Националното вооружено беспилотно летало Бајрактар ТБ2 презеде активна улога во операциите „Ров“, „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ што ги спроведуваат Турските вооружени сили внатре и надвор од границите. Експертите за одбрана наведуваат дека националните беспилотни летала се еден од најважните фактори за завршување на операциите многу порано од очекуваното и со помалку загуби.

Турските беспилотни летала извршија повеќе од 90 % од сите летови во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, особено во Африн, а ставиле свој печат во операцијата со 5.300 часови лет.

Тие учествуваа во многу операции против терористичките организации како што е „Катанец канџа“, и продолжуваат да играат важна улога во операциите против т.н. водачи на сепаратистичко-терористичката организација ПКК. Покрај овие задачи, националните дронови учествуваат и во заштитата на „Сината татковина“. Во овој контекст, од безбедносни причини, тие од воздух ги следеа и бродовите за дупчење кои спроведуваа истражувачки активности во Источниот Медитеран.

– Помош во текот на земјотресот

Беспилотните летала Бајрактар ТБ2 учествуваа и во операциите за пребарување и спасување по разорните земјотреси, прво оној во Елазиг на 24 јануари 2020 година, а потоа и по разорниот земјотрес на 6 февруари 2023 година познат како „Катастрофа на векот“. Бајрактар ТБ2 имаше 2.417 часа лет за време на разорниот земјотрес.

Покрај поддршката во напорите за пребарување и спасување од небо, Бајрактар ТБ2 служеше и за контрола на сообраќајот на тешки возила по земјотресот и во доставувањето помош.

Бајрактар ТБ2 беше и воздушна поддршка за следење на нерегуларните миграциски движења во Егејското и Средоземното Море, спасувајќи ги животите на многу нерегуларни мигранти и давајќи значаен придонес во документирањето на прекршувањата на човековите права, како што се потиснување, кои сѐ уште се актуелни во светот.

– Откри 4.091 шумски пожар

Беспилотните летала Бајрактар ТБ2 играат важна улога во борбата против шумските пожари, како и во мисиите за безбедност и хуманитарна помош. Во соработка со Генералниот директорат за шумарство на Туркије, Бајрактар ТБ2 презема активна улога во рано откривање на шумски пожари и ефективно управување со напорите за нивно гаснење од 2020 година. Бајрактар ТБ2 откри вкупно 4.091 шумски пожар од 2020 година. Со тоа, високотехнолошките беспилотни летала за прв пат беа користени во Европа за гаснење шумски пожари.

– Пресвртна точка во историјата на светското војување

Бајрактар ​​ТБ2, кој придонесе за успехот на операцијата „Извор на мирот“ значително подобрувајќи ги способностите за извидување и надзор на Турските вооружени сили, исто така, успешно уништи многу цели за време на операцијата. Во операцијата „Пролетен штит“ за прв пат леташе во ескадрили и неутрализираше многу оклопни возила, хаубици, повеќецевни ракетни фрлачи и системи за противвоздушна одбрана.

Успешно функционираше и покрај сите видови електронско војување како дел од операцијата во регионот Идлиб во Сирија, каде што леташе повеќе од 2.000 часа. Фактот што Бајрактар ТБ2 ефикасно служеше во операција летајќи во ескадрили за прв пат во историјата на светската војна предизвика голем одек во медиумите низ светот.

– Важна улога во Карабах

Бајрактар ТБ2 одигра важна улога во ставањето крај на ерменската окупација на Карабах, која траеше речиси 30 години.

На 27 септември 2020 година, Азербејџан започна воена операција во Нагорно-Карабах, кој беше окупиран од Ерменија. Само 44 дена по почетокот на операцијата, азербејџанската Армија ја прекина окупацијата на Ерменија и ја презеде контролата над Карабах. За време на операцијата против Ерменија, азербејџанската Армија го користеше Бајрактар ТБ2 на целата линија на фронтот.

Според студиите кои ги потврдија одбранбените аналитичари, многу системи за противвоздушна одбрана, радарски системи, тенкови, оклопни возила, камиони, складишта за муниција, позиции и единици на ерменската Армија биле уништени со беспилотните летала Бајрактар ТБ2. Овој успех на азербејџанската Армија, на која ѝ завидуваше целиот свет, предизвика коментари на светските медиуми и експертите за одбрана, во кои се вели дека турските беспилотни летала ја промениле историјата на војување.

– Во Украина, на децата им се дава името „Бајрактар“

Со својот извонреден успех во украинско-руската војна, која започна во февруари 2022 година, Бајрактар ТБ2 го промени балансот на војната и стана херој во очите на украинскиот народ. Така во Украина почна да се емитува „Бајрактар радио“, а во таа земја дури и машките деца го добиваат името Бајрактар. Бајрактар ТБ2 стана „симбол на надеж“ во Украина, покрај неговото влијание во борбите. Овој успех во Украина на целиот свет му ја покажа ефикасноста на Бајрактар ТБ2 и дека е најдобар во својата класа.

Кампањи за јавна помош беа организирани во Литванија, Украина, Полска, Латвија, Норвешка, Шпанија и Канада за купување на Бајрактар ТБ2 и негово донирање на украинската Армија. Бајкар, кој подари Бајрактар ТБ2, собраната помош ја донираше за хуманитарните потреби на украинскиот народ.

 

извор: Анадолија