Авионските билети во Германија ќе бидат уште поскапи

Претседателот на воздухопловната асоцијација, Јенс Бишоф, очекува поскапување на цените на билетите за авионски превоз. „Пристигнувањата и полетувањата во Германија стануваат значително поскапи“, рече претседателот на Сојузната асоцијација на германската авијациска индустрија (BDL) за весниците на медиумската групација Функе.

Воздухопловната такса, која е зголемена од мај, е веќе пресметана. Но, од јануари таксата за безбедносни проверки на аеродромите ќе се зголеми од 10 на 15 евра по патник. Постои можност и за значително зголемување на трошоците за контрола на летање.

Барања за укинување на воздухопловната такса
„Самите авиокомпании можат само да го пренесат товарот на клиентите. Маржите се веќе ниски. Во просек, авиокомпаниите заработуваат само пет до десет евра по патник“, вели Бишоф, кој е и извршен директор на авиокомпанијата „Еуровингс“.

„Зборуваме со политичарите за ефектите за намалување на трошоците“, вели тој. Идната сојузна влада мора да го укине данокот за воздухопловство. Дополнително, треба да се прекине со квотата за користење е-керозин и да се повлечат повисоките такси за безбедносни проверки.

Германија „авијациски гробишта“?
Извршниот директор на РајанЕр, Мајкл О’Лири, во минатото честопати се жалеше поради високите трошоци во Германија. О’Лири неодамна, во интервју за весникот „Велт ам Зонтаг“, дури изјави дека високите трошоци ја претвориле Германија во „авијациски гробишта“. Затоа РајанЕр префрла сѐ повеќе авиони од Германија на други пазари.

„Она што ни треба е нова влада посветена на растот“, изјави О’Лири. Само „за две или три години, кога владата и регионалните аеродроми ќе ги намалат смешно високите даноци и такси, ќе побрзаме да се вратиме во Германија“. Ирската нискобуџетна авиокомпанија претходно најави голем број намалувања во Германија.

Острите критики на О’Лири за политиката на германската влада кон авиосообраќајот не се исклучок. Неодамна и раководството на Луфтханза испрати остро писмо до канцеларот Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое предупреди на очајната состојба во европскиот воздушен сообраќај и побара поддршка од двајцата врвни политичари.

 

 

 

DW