Хрватска негира дека ја блокирала Црна Гора во пристапниот процес

Хрватските власти продолжуваат да инсистираат дека не ја блокирале Црна Гора во процесот на пристапните преговори со Европската унија, иако оваа земја стави вето на затворањето на едно поглавје минатата недела.

Шефот на хрватската дипломатија Горан Грлиќ-Радман вели дека не станува збор за блокада и инсистира на тоа дека неговата земја силно ја поддржува Црна Гора од моментот кога ги започнала преговорите со Европската унија (ЕУ).

„Хрватска сигурно нема да поставува билатерални прашања како услов за европскиот пат на Црна Гора, но прашањето за исчезнатите лица за време на Татковинската војна, прашањето за компензација на затворениците – тоа се теми за кои сите ние во Европската унија мора да се грижиме, а не само Хрватска“, рече Грлиќ-Радман кој учествува на министерскиот состанок во Брисел.

Хрватска го блокираше затворањето на поглавјето 31, кое се однесува на надворешната и безбедносната политика. Наместо четири поглавја, Црна Гора на 16 декември ќе затвори три поглавја од пристапните преговори.

 

 

slobodnaevropa.mk