Четворица мртви! Се зголемува бројот на жртви по нападот во Магдебург

По нападот на божиќниот пазар во Магдебург, полицијата сега зборува за четворица загинати и 41 тешко повреден. Според информациите на БИЛД, во болниците треба да се лекуваат и 86 лица со тешки повреди. Во нападот полесно се повредени 78 лица.

Лекар по потекло од Саудиска Арабија, кој живее и работи во Бернбург, град јужно од Магдебург, е осомничен за нападот, изјави премиерот на Саксонија-Анхалт Рајнер Хаселоф. Се верува дека Саудиецот дејствувал сам.

Тамара Зиешанг, државен министер за внатрешни работи, рече дека човекот бил во Германија од 2006 година и бил постојан жител. Безбедносни извори за агенцијата ДПА изјавиле дека осомничениот е на околу 50 години и не бил регистриран како радикален исламист. Властите, кои не именуваа осомничен, се уште шпекулираат за мотивот за нападот.

„Ова е катастрофа за градот Магдебург, за земјата и за Германија воопшто“, рече Хаселоф.

Магдебург е град со околу 237.000 жители во провинцијата Саксонија-Анхалт. Се наоѓа на околу 150 километри западно од Берлин.

Протекоа детали за напаѓачот

Напаѓачот Талеб ал-Абдулмохсен е роден во саудискиот град Хофуф, а во Германија дошол во 2006 година за да специјализира психотерапија. Таму побарал азил поради смртни закани откако го напуштил исламот, а во 2016 година добил статус на политички бегалец. Живеел во Бернбург и бил познат како експерт за психијатрија и психотерапија.

Работел како активист кој им помагал на поранешните муслимани, особено на жените, да избегаат од Саудиска Арабија. Тој водел веб-страница посветена на обезбедување информации за „патеките за бегство“ за луѓето кои сакале да ја напуштат Саудиска Арабија. На врвот на страницата има натпис: „Мој совет: не барај азил во Германија“.

Напаѓачот беше интервјуиран од Би-Би-Си во 2019 година поради неговиот активизам.

Во интервју во 2019 година, тој изјави дека повеќето од неговите клиенти се жени за кои азилот е единствениот начин да избегаат од зависноста од машките старатели.

Во објавите на социјалните мрежи тој остро го критикуваше исламот и изрази поддршка за германската десничарска партија АфД. На платформата Х изрази поддршка за Илон Маск и десницата во САД и Велика Британија, објави Дејли Мејл.

Пет дена пред нападот, тој даде интервју за десничарската платформа RAIR Foundation, во кое тврдеше дека Германија ги фаворизира сириските бегалци, вклучително и исламисти, додека ги отфрла саудиските отпадници кои бегаат од шеријатските смртни казни. Во тоа интервју тој изјави дека „само 70 отсто од саудиските граѓани добиваат азил, додека оваа бројка за сириските граѓани е 99,8 отсто“.

Зборуваше германскиот канцелар

Сцените што се случија во петокот во Магдебург потсетија на настаните од пред речиси точно осум години во германската престолнина. Имено, на 19 декември 2016 година, исламистички терорист влета со киднапиран камион во божиќниот пазар во центарот на Берлин. Тогаш загинаа 12 лица, а 13-та жртва почина во 2021 година како последица на повреди. Повеќе од 70 луѓе се повредени. Напаѓачот побегнал во Италија, каде полицијата го застрелала.

Во Магдебург, објавија агенциите, возила за итни случаи го преплавија пазарот во центарот на градот, недалеку од градското собрание. Лекарите им помагаа на повредените кои лежеа на земја пред трибините. Поставени се и шатори каде се згрижени повредените.

Повредените беа итно пренесени во Универзитетската болница во Магдебург, каде што портпаролот рече дека персоналот бил брзо подготвен да се справи со настанот со масовните жртви. Идентитетот на двајцата загинати не е откриен, но засега се знае дека починало мало дете.

„Моите мисли се со жртвите и нивните семејства. Ние сме на нивна страна и на страната на луѓето од Магдебург“, напиша германскиот канцелар Олаф Шолц на платформата X. Се очекува Шолц да отпатува за Магдебург денеска.

видеото на овој линк…