На 22 декември 1908 година во Велес е роден Кочо Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература.
Коста Апостолов Солев Рацин е основоположник на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ издадена во Загреб во 1939 г. претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен поезија Рацин пишувал и проза, а напишал и повеќе значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.
Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.
Од историјата Рацин покажал посебен интерес за богомилското движење и напишал неколку трудови на таа тема: „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во средниот век“.
Посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека „богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“ („Богомилите“). Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење.
Според официјалната верзија за неговата смрт загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница на Лопушник во Кичевско на 13 јуни 1943 година.
Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес, каде што се родил на 22 декември 1908 година.
Борец за македонската кауза
Рацин влегол во КПЈ од која подоцна бил исклучен, а влегувал и во битки против посрбувањето и побугарчувањето на македонскиот народ. Еве како му одговорил на Никола Вулиќ, српски археолог кој долго работел во Вардарска Македонија дали „Јужна Србија или Македонија“:
„За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие“, одговара Рацин.
denesen.mk