Оштетен подводен кабел: Финска зборува за саботажа

Во текот на ноќта кон четврток (26.12.) фински иследници се качија на танкер за нафта на Балтичкото Море. Бродот пловел под знаме на Куковите Острови и се наоѓал сомнително близу кабелот за струја Естлинк 2 помеѓу Естонија и Финска, кој одеднаш добил прекин.

„Испративме патролен брод до танкерот и утврдивме дека сидрата не беа на место. Затоа имавме причина да веруваме дека нешто чудно се случува“, изјави заменик-шефот на граничната стража, Марку Хасинен, на прес-конференција. Тој додаде: „На наше барање, екипажот на танкерот го извади сидрото. Но, излезе само синџирот на сидрото – самото сидро веќе не беше на него“.

Хибридните напади во регионот на Балтичкото Море се зголемени
Дали се работи за несреќа? Финските власти не веруваат во тоа. Тие водат истрага за сериозна саботажа. Од почетокот на војната против Украина, хибридните напади се зголемуваат во регионот на Балтичкото Море. Финска често е цел на вакви напади. И неретко Русија игра улога во тоа, вели Хиски Хаукала, шеф на Финскиот институт за надворешна политика во Хелсинки.

Русија ги тестира своите граници и сè поагресивно врши такви хибридни напади. Ова го опфаќа целиот спектар на активности, вели Хаукала, „од војни со дезинформации до поагресивни форми на сајбер напади и можеби дури и физички акти на саботажа, како што видовме овде во Европа“.

Дали танкерот е дел од руската „флота во сенка“?
Пред само еден месец се случи оштетување на каблите за пренос на податоци меѓу Финска и Германија, како и Шведска и Литванија. Инспекторите и тогаш во визир имаа странски брод.

Но, за разлика од тогаш, финските власти овојпат можат да го истражат бродот. Со оглед на тоа што „Eagle S” се наоѓа во финските територијални води, иследниците можат да се качат на бродот, да разговараат со екипажот и да соберат докази.

„Претпоставуваме дека бродот е дел од флотата во сенка.Според наши информации, натоварен е безоловен бензин, кој бил наполнет во руско пристаниште“, вели Сами Ракшит, раководител на финската царина.

ЕУ, исто така, претпоставува дека товарниот брод е поврзан со Русија. „Сомнителниот брод е дел од руската флота во сенка, која ја загрозува безбедноста и животната средина и во исто време го финансира рускиот воен буџет“, се вели во заедничката изјава на Европската комисија и претставничката за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас.

Таканаречената флота во сенка вклучува бродови кои би требало да ѝ помогнат на Русија, меѓу другото, да извезува сурова нафта – понекогаш илегално, со заобиколување на санкциите на ЕУ. Бидејќи Москва не може да користи свои бродови за оваа намена, често користи стари танкери од други земји. Финскиот премиер Петери Орпо изјави: „Ова ја нагласува опасноста од флотата во сенка за Балтичкото Море. Мораме да најдеме нови, силни методи за да се справиме со тоа“.

 

 

 

DW