Во овој претпразничен период на свештено исчекување – исчекување во кое се наталожени воздишките на поколенијата и на вековите – кога календарски ноќите се најдолги, а срцата човечки жедни по духовна светлина, стоиме со свиени глави и приклонети колена на прагот од една космичка тајна – тајната на Рождеството Христово. Разбираме ли навистина што значи да Го пресретнеме Витлеемското Дете?
Рождеството Христово не е само историско случување и еден празник од црковниот месецослов; тоа е вечен чин на Божјото снисходење, на Божјата љубов што се воплотува во нашиот реален и несовршен свет. Словото Божјо станува човек, и тоа не во палатите на земските владетели, туку во една бедна пештера. Ова е несомнено една најдлабока мистерија: семоќниот Бог се јавува како беспомошно Дете, но во тоа мало немоќно Дете е скриена сета сила и светлина што ќе го преобрази светот.
Бог стана човек. Стана како еден од нас. Сострадува и сочувствува со нас. Од љубов, до пештера слезе заради нас, откако прво легна во утробата на Жена, а потоа и во јасли како повиен Младенец. А каква е пештерата? Животни, јасли, смрдеа, нечистотија. И токму таму се роди. Затоа, да не губиме надеж, да не паѓаме духом во очајание. Туку, да се смируваме и во нашето смирение Он ќе нè пресретне. Сега, да се смириме прво како малото Дете во Витлеем. Он ќе нè помилува од пештерата во Своето смирение и ќе го помилува и нашето смирение. Он го милува смирението. Затоа се роди како Дете во валкана пештера – за да ни го покаже крајното смирение. И кој се смирува, на Бога се уподобува. Оти, како вели Свети Јован Лествичник? „Смиреномудрието е небесен виор кој може да ја издигне душата од бездната на гревот до височините на небото. Некој еднаш го здогледал неговото возвишено велелепие во своето срце и обземен од восхит, прашувал за името на неговиот родител. А тоа, со ведра и мирна насмевка, му одговорило:’Како брзаш да го дознаеш името на мојот Родител, кога Он е безимен? Нема да ти го откријам, сè додека не Го примиш Бога во себе‘.“
Затоа што смирението е од Господ. Тоа е добродетел што непосредно од Него исходи. И затоа ќе повториме дека оној кој се смирува, на Бога се уподобува. А колку тешко е човек да се смирува! Но, со Божја помош, ќе се трудиме секој ден. Да се собереме сите во храмот, како во Витлеемската пештера, и пред нашите очи ќе биде Он смирениот, во голема слава.
Кога Бог ја избра пештерата и јаслите, каде Го бараме ние денес? Го препознаваме ли во нашиот ближен, во сиромавиот, во оној кој е изоставен и заборавен, осамен, ранет и натажен? Има ли место во нашето срце да Го прими, или, пак, е полно со врева, грижи и суета?
Рождеството Христово е драма на љубовта. Бог слегува во ноќта на овој свет, во мракот на неподносливото постоење, во темнина што не е само физички надвор од нас, туку е тука, внатре, во нашите души, во нашите стравови, анксиозности, фрустрации, затворености и себичности. Христос не доаѓа само да го осветли светот и да воведе едно светло празнување со светилки и подароци; Он доаѓа првенствено да го осветли мракот во нас. Тоа е пресретот што го очекуваме: не празничната еуфорија, туку преобразбата, Божествената светлина, силата на љубовта што ја преобразува човечката суштина
Сега, повеќе од било кога, ни е потребна оваа преобразба. Да не дозволиме празникот на светлото Раѓање Христово да помине како обична традиција, како обичен неработен датум во календарот. Да дозволиме да се роди Христос – не само во Витлеем јудејски, туку и во нашите срца.
Секој миг од овој претпразничен период е можност за нова средба со Него, за ново раѓање. Да се осмелиме да ги отвориме своите срца за таа Светлина, за Истокот Кој нè посети од висините и Кој ги надминува сите стравови и притесненија, ги преобразува сите слабости и нè прави нова твар. „Ете старото помина и сè стана ново“.
„Христос се раѓа – прославете! Христос од Небото – пресретнете!“ – ова е повикот на Црквата во овие денови. Да станеме посветли, помилосрдни, послободни, пољубовни. Христос доаѓа – да Го пресретнеме со молитвена тишина и со радосен копнеж. Нека нашите срца бидат олтар за Витлеемскиот Богомладенец, нашиот ум – тишина за Неговото слово, а нашите дела – слава и благодарност за Неговата љубов.
Бигорски манастир