Од околу 2.500 случаи на ин витро годишно, околу 1.000 се од соседните земји и подалеку, објави Фондот за здравствено осигурување. Законски ограничувања за возраст на жената и за увоз на репродуктивен материјал во нивните земји, но и добри искуства во македонските болници се причини поради кои странци прават вонтелесно оплодување во Северна Македонија.
„Докторе, само да ве известам дека како плод на Вашата работа се породив со близнаци, момче и девојче и ви благодарам за тоа. Поздрав од Србија“, му напишале српските државјани Дуња и Вељко С. на лекар од болницата „Плодност“ во Битола, каде правеле биомедицинско потпомогнато оплодување(БПО) – попознато како ин витро.
Тоа е процедура во која јајце клетката и сперматозоидот се спојуваат во лабораториски услови и оплодени се враќаат во телото на жената за да се предизвика бременост.
„Имаме пациенти од сите земји од поранешна Југославија, имаме и од подалеку,привлекуваме пациенти од секаде. Најчесто, доаѓаат поради можноста кај нас да користат дониран материјал, неуспешни ин-витра во земјите во кои живеат, но и поради нашиот успех“, рече д-р Таше Трпчевски, основач на болницата „Плодност“ во Битола, за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Кон крајот на ноември, жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна. Мајката имала десет неуспешни ин витро оплодувања и десет спонтани абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на гинеколошката клиника во Скопје.
slobodnaevropa.mk