Трошоците за живот растат – не мирува ни инфлацијата

Трошоците за живот растат, цените на производите речиси секојдневно се менуваат, а нагорниот тренд го следи и инфлацијата. Ова го покажуваат најновите статистички податоци во Северна Македонија. Додека Државиот завод за статистика укажува дека трошоците на животот во 2024 година, во однос на 2023 година, се зголемиле за 3.5 %, а цените на мало имаат пораст од 3.8 %, премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Северна Македонија ја очекува економски добра година.

„Очекувам година во која ќе има напредок и прогрес на секој план“, порача Мицкоски на Божик. Истиот оптимизам го сподели и во средата (08.01) при посетата на Штип. Вели дека „2024 година ќе ја завршиме со 3,5 отсто инфлација, а годинава треба да биде добра на економски план“.

На што се темели економскиот оптимизам?
Статистиката измери дека трошоците на живот во декември 2024 година во споредба со истиот месец од 2023 година, се зголемени за 4.4 %, а цените на мало за 4.3 %. Најголемо зголемување има во рестораните и хотелите за 9.9 %, потоа кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците за 7.6 %, но и кај облеката и обувките, транспортот, здравјето и образованието.

Не мирува ниту инфлацијата – мерена преку индексот на трошоците на животот во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, таа изнесува 0.3 %. „Зголемувањето на инфлацијата во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 4.8 %, рекреација и култура за 1.7 %, ресторани и хотели за 0.4 %, облека и обувки за 0.2 %, разновидни стоки и услуги за 0.1 %“, посочуваат статистичките податоци.

Стабилизирање на цените
Со цел заштита на стандардот на граѓаните, Владата донесе одлука за воведување на Новогодишна кошничка од 15 декември до 15 јануари, која опфаќа повеќе од 600 производи и со која се очекуваше намалување на цените за 10 и повеќе проценти. Синдикатите бараа реално намалување на цените, а во спротивно најавија дека ќе бараат ригорозни казни за сите нефер трговци и трговски практики

„Цените на прехранбените производи се следат и ако е потребно ќе интервенираме со нивно ограничување, иако тоа не сакаме да го сториме“, вели Мицкоски. Тој смета дека полека, но сигурно во втората половина на декември се стабилизирале цените на основните производи кои дел од трговците вештачки ги кренаа, што предизвика големо незадоволство кај граѓаните.

„Преку инспекторатот внимателно ја следиме состојбата и ќе интервенираме ако е потребно, а можеме да интервенираме веднаш со ограничување на цените, но не сакаме да го употребиме тој инструмент. За разлика од еврозоната, каде поскапувањето на струјата беше 15 – 20 отсто во некои држави, ние не ја зголемивме цената на електричната енергија која е значаен инпут и влијае врз цената на чинење на готовиот производ“, изјави Мицкоски во Штип.

 

 

 

DW