Славниот српски тенисер сними фотосесија во Црна Гора

Новак Ѓоковиќ шармира од насловната страница на машкото списание GQ.

За февруарското издание посветено на спортот, славниот српски тенисер сними фотосесија во Црна Гора непосредно по освојувањето златен медал на Летните олимписки игри во Париз.

37-годишниот спортист позираше во модели од врвни брендови како Lacoste, Brunello Cucinelli, Brooks Brothers, McQueen, Dolce & Gabbana и Sperry, а во интервјуто зборуваше на различни теми.

Тој се наврати и на минатото и на Југославија и рече дека би сакал да ги види народите на Балканот сложни, а не разединети.

„Отсекогаш сум бил пацифист во мојот пристап и однесувањето кон луѓето и нациите во регионот. Бидејќи некогаш бевме иста земја. Во семејството на мајка ми сите се Хрвати. Таа се роди во Белград, но сите се Хрвати. Од страната на татко ми? Црна Гора и Косово. Јас сум роден во Србија. Затоа секогаш ги третирам сите еднакво. Ако некогаш бевме една нација, имаме многу културни сличности, традиционални сличности, јазик – зошто да не се фокусираме на тие нешта?“

„Имам чувство дека сакам да ги спојам нациите, не велам да ги соединам официјално, туку да ги зближам една со друга, наместо да се гледаме едни со други како непријатели“ – рече Ноле.

Ѓоковиќ сними видео во кое објаснува дека секогаш на себе носи две парчиња накит кои му се особено важни. Едното е приврзок во форма на тениско топче кое се отвора и внатре има фотографии од неговото семејство.

femina.mk