Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведуваат акција на повеќе локации.
Од ОЈО ГОКК потврдуваат дека акцијата е во тек, а повеќе детали најавуваат за утрешниот ден.
-По наредба на обвинител од ОЈО ГОКК во моментов се вршат претреси на повеќе локации. Има повеќе лица кои се лишени од слобода. Станува збор за криминална група што се занимава со продажба на дрога, велат од ОЈО ГОКК.
Претходно МВР потврди дека уапсен е Раде Трајковски – Штекли, неофицијално при обид да ја напушти земјава.
Тој се сомничи за трговија на дрога. Предводел група од над десетина члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства. МВР и Бирото за јавна безбедност се во потрага и апсење на целата негова група.
Штекли е познат по пресметките со нарко картелите. Тој се поврзува со низа кривични дела, во август и во октомври 2023 година избегна два обиди за убиство на иста локација – во Ист Гејт Мол во Скопје.
Во ноември минатата година беше фрлена експлозивна направа во двор на куќа во населба Керамидница во Скопје, а од експлозијата со повреди се здоби Трајковски, кој беше пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош.
Во врска со акцијата, висок полициски службеник остана без својот мобилен телефон. Тој се сомничи дека одавал информации во врска со нарко клановите. Според нашите информации, „кртот“ во МВР бил поврзан со клановите Беланоца/Барон, но и со Раде Трајковски – Штекли.
извор: КУРИР