TикТок е повторно достапен во САД: Операторите на видео апликацијата повторно ја вклучија по околу дванаесет часа. Како причина, тие се повикаа на уверувањето на идниот претседател Доналд Трамп дека нема да има казни за американските даватели на услуги на платформата. Трамп ќе положи заклетва денеска, понеделник, но тој во неделата најави дека со декрет ќе ја суспендира забраната за работа на видео апликацијата ТикТок воведена во САД.
На својот онлајн сервис Truth Social, републиканецот напиша дека ќе потпише соодветен документ на првиот ден од неговото претседателствување. Трамп вели дека се залага половина од услугата што ја управува кинеската матична компанија Бајтденс да биде во сопственост на САД како заедничко вложување.
Трамп претходно најави дека најверојатно ќе му овозможи на ТикТок одложување од 90 дена. Апликацијата во порака до своите корисници во саботата вечерта соопшти дека не ќе може привремено да се користи во САД, но за среќа, Трамп сигнализирал дека сака да работи со ТикТок на наоѓање решение.
Апликацијата ТикТок, која е популарна во САД и има 170 милиони корисници, во саботата вечерта по локално време беше исклучена, исчезна и од продавниците за апликации на Епл и Гугл, бидејќи во неделата стапи на сила законот кој го таргетира ТикТок поради безбедносни причини. Според законот, кој стапи на сила во април 2024 година, сопственоста на апликацијата во САД ќе мораше да се смени до 19-ти јануари, во спротивно требаше да се отстрани од продавниците на апликациите во САД и да го изгуби пристапот до инфраструктурата.
Меѓутоа, попустливост сигнализираше не само Трамп, туку и претседателот во заминување Џо Бајден јасно стави до знаење дека давателите на услуги во САД треба да останат неказнети. Белата куќа соопшти дека ќе го остави спроведувањето на законот на Трамп. Сепак, на ТикТок – и, според извештаите на медиумите, особено на партнерите на апликацијата на кои им се заканува казна, првично очигледно сетоа ова не им било доволно, па дојде до привременото исклучување.
DW