Неделава ќе се реши недостигот на два лека на Онкологија, најави Клековски

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски очекува неделава да се надмине недостигот на два лека на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје. Другите лекови, како што појасни тој денеска во изјава за медиуми, ќе бидат набавувани во соодветни постапки, и како што истакна, и тие ќе бидат за брзо време достапни.

Тој беше прашан дали се има конкретен план како да се надмине проблемот со недостиг од лекови на Онкологија, за што алармираа пациенти во текот на вчерашниот ден.

– За да се надмине проблемот, треба да се знае зошто е настанат проблемот. Да, има дефектура на пет лекови во моментот. И немањето лекови е настанато делумно заради традиционални проблеми, делумно заради промени што се случуваат во од. Традиционалните проблеми – секогаш на преминот од една во друга финансиска година, се случуваат вакви проблеми. Тие досега се решавале со реверси, бидејќи реверсот како начин на работа е противзаконски, сите директори вклучувајќи и на Клиниката за онкологија, има наредба, знаат дека не треба да примаат лекови на реверси. И во тој период од една во друга финансиска година и непримањето на реверси, допринесе да настане овој проблем, појасни Клековски.

Според него, проблемот не е финансиски.

– Ние одобривме минатата година пет милиони евра повеќе. За оваа година ќе одобриме значително поголеми средства. Тука е преминот од една во друга година. Она што се работи во моментот е дека мислам дека два од лековите со расчистување на одредена администрација, може дополнителни количини да се обезбедат. Другите ќе бидат набавувани во соодветни постапки, ќе бидат многу брзо достапни, бидејќи проблемот, повторно, не е финансиски, туку организациски. Ова е за краткорочниот проблем, а тоа е преминот од една во друга година и забраната на употреба на реверси, додаде Клековски.

Долгорочниот проблем, според него, е суптилниот проблем дека тие во основа не знаат за колку пациенти, колку терапија е потребна.

– Колку пациенти имаме и колку терапија ни треба? И сето ова е адхок. И ова доведе до кривични пријави што, се надевам, ќе резултираат во некаква одговорнсост. Ние мораме да воспоставиме регистар на пациенти, како што веќе има за ретки болести, како што веќе има за дијабет, каде што соодветно ќе се евидентираат пациентите и планираат количините на лекови што се непходни и онаму каде што нема доволно лекови за сите ќе бидат јасни и транспарентни критериумите кои пациенти ќе ја добијат таа терапија кој пациент нема да ја добие соодветната или таква терапија како што се очекува, додаде Клековски.

Тој кажа дека за во 13 часот денеска во ФЗО има закажано состанок со претставници на клиниките за онкологија, хематологија, на ИЈЗ и така натаму, за евиденција и следење на пациенти.

– Сакаме да воведеме регистри на пациенти на сите подрачја каде имаме значително употреба на посебно скапи лекови. Тоа е онкологија, хематологија, на педијатрија има такви регистри и на трансфузиологија планираме да се воведе таков регистар за болни од хемофилија. Тие се неколку клиники каде имаме посебно скапа терапија каде лекувањето на еден пациент може да чини десетици илјади евра годишно и мислам дека тоа мора да биде и јасно и транспарентно и одговорно, подвлече Клековски.

Тој рече дека денеска ќе се разговара за временска рамка до кога би се вовеле такви регистри.

– Јас очекувам тие да бидат воведени до полугодието на оваа година. Не очекувам, туку и ќе инсистирам, бидејќи ние планираме значително зголемвуање на буџетот за 2025 година. Значително зголемувањње на буџет за 2025 година без јасно транспарентно и одговорно работење, нема шанса. Значи не може да продолжи како што било во минатото, одговори тој на новинарско прашање.

Тој посочи оти сега се справувале со хаос што е направен претходно.

– Јас никогаш не се правдам со минатото, но, за шест месеци не може да се среди хаосот со набавки, реверси, што е останато од минатото, додаде Клековски.

 

 

 

 

denesen.mk