Поддршка на проширувањето на ЕУ, но според принципот на сопствени заслуги, односно исполнети обврски. Ова е ставот кој го повтори новата влада во Софија, а првото потсетување дојде од изјавите на бугарскиот премиер за време на неговата прва дводневна работа посета на Стразбур, која заврши вчера.
„Во однос на проширувањето на ЕУ ние ја потврдивме нашата позиција која е поврзана со земјите од Западен Балкан – дека се држиме до принципот на сопствени заслуги, така како што не еднаш, туку постојано изјавуваме”, изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Тој во Стразбур се сретна и со претседателката на ЕП, Роберта Мецола, како и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Меѓу темите за кои се разговорало со фон дер Лајен, според владините соопштенија, не се спомнува проширувањето. Бугарскиот премиер изјави дека на средбата било важно да потврди взамната доверба меѓу новата бугарска влада и новата Комисија.
„Бугарија мора да се врати во центарот на политичките процеси во Европа“, нагласил Желјазков на средба пред бугарските европратеници.
„Принципот на заслуги“ е потенциран и во првиот телефонски разговор остварен меѓу новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас. Како што објави бугарското МНР, меѓу другите теми „акцент бил ставен на поддршката за проширувањето на ЕУ и интеграцијата на Западен Балкан, следејќи го принципот на сопствените заслуги на земјите кандидати”. Георгиев и Калас се согласиле околу клучната улога што ја има Бугарија, како членка на ЕУ, во градењето на мирот и безбедноста во Европа и подржувањето на основните принципи за единство и консензус на Унијата.
Радев: Државното раководство да покаже политичка волја
Европската интеграција на Западен Балкан била тема во телефонскиот разговор меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Радев и Лајчак го истакнале приоритетното значење што ЕК и го дава на темата за проширување на ЕУ, што му овозможува на Западен Балкан да напредува во исполнувањето на критериумите за членство. Како што се наведува во соопштението, „бугарскиот претседател ја истакнал неговата објективна оценка за различните проблеми во регионот и конструктивен пристап при нивното решавање”.
„Претседателот Радев изрази и надеж дека во најскоро време државното раководство на Република Северна Македонија ќе покаже политичка волја за спроведување на европскиот консензус од 2022 година, со кое ќе го отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ“, се вели во соопштението објавено од прес-службата на бугарскиот претседател.
DW