Пензионери го „спасуваат“ пазарот на труд

Министри, трговци, градежни и транспортни фирми бараат од пензионери да се вратат на работа, велат синдикатите и работодавачите. Некои компании се обратиле и до Сојузот на пензионери за да ангажираат нивни членови. Ниските пензии се најчест мотив пензионерите да ги одложат мирните неработни денови.

По 45 години работен стаж, 64 годишниот Горан М. од Скопје, наместо удобно во фотелја да гледа утринска програма, вели дека и натаму секое утро се бричи, ја облекува работната униформа од фирмата за обезбедување и заминува на работа. Планот за мирни пензионерски денови, го одложил на неодредено, затоа што со пензијата од 21 илјада денари, не може да го исплати кредитот.

Септемвриското покачување од 2 500 денари го „промашило “ за еден ден, затоа што во пензија заминал на крајот на август минатата година. Пресметката за пензијата од дома не му испаднала иста во Пензискиот фонд затоа што за време на транзицијата, една од фирмите во кои работел неколку години не му исплаќале придонеси.

„Уште пред да отидам во пензија, газдата ми понуди да останам да работам, за иста плата, нешто повисока од минималната – 24 илјади денари. Имам кредити, па четвртина од платата ми одеше за тоа, затоа решив да продолжам да работам како обезбедување“, вели Горан за Радио Слободна Европа.

Компаниите, соочени со недостиг на квалификувана работна сила, сè почесто ги отвoраат вратите за пензионери.

„Речиси сите колеги се возрасни како мене, луѓе во пензија, младите не сакаат да го работат ова, а и платите не се атрактивни“, вели Горан кој работи како обезбедување во основно училиште во Скопје.

 

 

 

slobodnaevropa.mk