Кралската специјализирана болница и истражувачки центар „Крал Фајсал“ (KFSHRC) во Ријад успешно изврши роботски асистирана имплантација на вештачка срцева пумпа „HeartMate 3“ на компанијата Абот, соопшти болницата, јавува Анадолу.
Операцијата беше извршена на 35-годишен пациент кој боледувал од напредната форма на срцева слабост, придружена со компликации на бубрезите и белите дробови.
По 120-дневна хоспитализација, закрепнувањето на пациентот напредуваше со исклучително брзо темпо.
Потребни беа само четири дена на интензивна нега, а се очекува пациентот да биде пуштен од болница за десет дена – значително побрзо од стандардното време на закрепнување за слични процедури.
„Овој успех ја демонстрираше нашата способност да ја балансираме смелата иновација со строгите безбедносни мерки, давајќи врвни медицински решенија кои ги редефинираат можностите во здравството“, изјави д-р Бјорн Зоега, кој е и заменик-извршен директор на KFSHRC.
Тој додаде дека ова достигнување ја зацврстува позицијата на Саудиска Арабија како глобален лидер во медицинските иновации.
Операцијата ја предводеше д-р Ферас Халиел, шеф на Одделот за кардиохирургија и директор на Програмата за роботска и минимално инвазивна хирургија.
Тој ги нагласи прецизноста и безбедноста на роботски асистираните процедури, истакнувајќи дека пациентот немал инфекции, крвавења или други компликации.
„Пациентот беше воодушевен од минималните лузни, кои ја одразуваат напредната способност на роботската технологија“, рече тој.
„HeartMate 3“, дизајнирана да поддржи пациенти со напредна срцева слабост, беше имплантирана со помош на робот за да се намали хируршката траума и времето на закрепнување.
Кит Боетигер, потпретседател на секторот за срцева слабост во Абот, ја пофали соработката со болницата.
„Оваа процедура нагласува како иновациите во здравствената технологија можат значително да го подобрат квалитетот на животот“, рече тој.
Роботски асистираните процедури на KFSHRC се дел од пошироките напори за интеграција на напредните технологии во здравството.
Институцијата претходно доби глобално признание за роботски трансплантации на срце и црн дроб и постојано се рангира меѓу најдобрите болници во светот.
Втора година по ред, болницата е на првото место на Блискиот Исток и Африка, како и на 20-то место глобално меѓу најдобрите 250 академски медицински центри. Исто така, беше призната како највреден здравствен бренд во Саудиска Арабија и на Блискиот Исток во рангирањата на Бренд фајнанс за 2024 година.