Новиот концепт за гимназиско образование продолжува да ја бранува професорската фела во Северна Македонија. Незадоволство има и меѓу наставниот кадар по ликовната уметност, коишто сметаат дека со еден час неделно уметничко образование, во трите суштински години за развојот на една млада личност, се прави непоправлива штета.
Деветнаесет професори во отвореното писмо до јавноста, наведуваат дека концептите и реформите се прават долгорочно, за повеќе генерации. Затоа порачуваат: „Кога ќе ја носите оваа понудена концепција за гимназиско образование, запрашајте се себеси, како луѓе, како родители, дали вие би сакале единствената цел во животот на вашите деца да биде голо преживување или би сакале да одгледате мислечки луѓе кои ќе се развиваат според своите афинитети и способности…“
Место да се намали – да се зголеми фондот на часови
Тие бараат да се зголеми фондот на часови по ликовна уметност во редовната настава, бидејќи токму овој предмет се покажал како најактивно вклучен во речиси сите проекти посветени на негувањето на различните вредности, култури и религии, придонесувајќи со креативен израз и визуелна комуникација за меѓусебното разбирање и почитување.
„Очекуваме да понудат решенија кои ќе ја задржат важноста на ликовната уметност во образовниот процес како предмет кој веќе ги остварува целите наведени во концептот“, се вели во писмото.
Незадоволство од новиот концепт за гимназиско образование изразија и триесетина професор по философија, логика и етика. Според професорите, концепцијата се заснова на логички и методолошки проблеми како неконзистентност, неаргументираност, противречност.
DW