Јаневска: Ова е нацрт-концепција и може да претрпи промени

По реакциите од катедри и институти, главно од Филозофскиот факултет на УКИМ, дека со нацрт концепцијата за реформи во гимназиското образование се редуцираат содржини од некои предмети од општествените науки, министерката Весна Јаневска денеска (31 јануари) изјави дека многу сериозно ги сфаќаат сите изјави дадени од сите факултети и дека рокот за сугестии може да биде продолжен.

Покрај досегашната онлајн-дискусија, рече таа, ќе продолжат и на терен за да се направи најдобар предлог-текст на концепцијата, посочувајќи дека сегашната верзија може да биде изменета.

„Секако дека може да се продолжи, секако дека ние многу сериозно ги сфаќаме сите изјави дадени од сите факултети, иако главно станува збор за Филозофскиот факултет. Веќе еднаш кажав дека ова е нацрт-концепција и дека може да претрпи промени. Ние продолжуваме и понатаму, досега ова беше по електронски, дигитален пат, малку ќе се придвижиме и на терен и секако дека ќе работиме и понатаму на подобрување на истата, изјави министерката Јаневска која денеска присуствуваше на отворање на прв европски дигитален иновациски хаб во државава.

Истакна и дека е многу задоволна што, како што рече, „за разлика од дел од стручната јавност, веќе добиваме силна поддршка од младите“.

„Можеби звучи контрадикторно, но јас сум навистина многу задоволна што новата концепција предизвика такви бурни дискусии“, разговори и предлози, додаде Јаневска.

 

 

 

slobodnaevropa.mk