Американскиот претседател Доналд Трамп на 31 јануари испрати специјален пратеник во Венецуела за да го предупреди левичарскиот лидер Николас Мадуро да прифати безусловно враќање на депортираните Венецуелци или ќе се соочи со последици, јавува новинската агенција Франс прес.
Специјалниот американски пратеник Ричард Гренел, отпатува во Каракас за да разговара со Мадуро додека новата администрација вети дека ќе ја исполни својата идеја.
„Посетата на Гренел на Венецуела не значи дека САД го признава Мадуро за венецуелски претседател,“ соопшти Белата Куќа, јавува новинската агенција Ројтерс.
Портпаролот на Белата куќа, Каролин Левит, на 31 јануари изјави дека Гренел бара од Венецуела да дозволи летови за репатријација на членовите на Трен де Арагуа, венецуелската криминална банда која Трамп ја означи како терористичка група.
„Претседателот Трамп очекува Николас Мадуро да ги врати назад сите венецуелски криминалци и членови на банди кои се извезени во Соединетите држави и тоа да го стори недвосмислено и без услов“, рече Маурицио Клавер-Кароне, специјален претставник на САД за Латинска Америка.
slobodnaevropa.mk